Од 21 декември па до 20 март, компанијата Мета преку политичко огласување на Фејсбук заработила 495.061 евро.
Најмногу потрошила владејачката партија, СДСМ, која сите свои адути ги вложила во премиерот Димитар Ковачевски и во неговиот профил на Фејсбук. Од потрошените 23.464 евра за изминатите 90 дена, најголем дел од износот е даден за огласите од профилот на премиерот и партиски лидер – 15.635 евра.
Од друга страна на истиот профил свои пари за огласување сам Ковачевски платил 8.258 евра. Со други зборови, платата и нешто повеќе за овие три месеци ги дал за огласи.
СДСМ преку огласите сакала да се пофали со зголемувањето на минималната плата, положбата на жените, решавањето на кризата со струја, додека значаен дел од средствата се вложени за критика на опозицијата, главно лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
За разлика од владејачката партија, опозициската ВМРО ДПМНЕ, била активна со рекламирањето кон крајот на ланската година, додека во последно време ретко огласува и тоа главно преку профилот на лидерот. Сите огласи на личниот профил на Мицкоски се платени од ВМРО ДПМНЕ, кој во изминатите 90 дена на Фејсбук платил 2.402 евра за 25 огласи.
Левица активно го користи Фејсбук огласувањето но во помали износи и според податоците од Мета, потрошила 265 евра. Во овие пари влегуваат и тие што општинските организации ги потрошиле за огласи, како и тие што ги спонзорираат видеата од говорите на лидерот Димитар Апасиев.
Од помалите политички парии, Демократи потрошиле 2409 евра, додека лидерот Јорго Огненовски 1612 евра.
ДУИ не троши многу на Фејсбук за огласување, но затоа му платила на Артан Груби за спонзорирање на објавите на неговиот личен профил. Неговиот сопартиец Бујар Османи исто така огласувал, но за него не плаќала партијата, туку тој самиот, за што издвоил 1470 евра.
Индивидуално, своите објави ги спонзорирале и самите си платиле, и вицепремиерот Фатмир Битиќи (1006 Е), Блерим Беџети (544 Е), Митко Јанчев (425 Е), Горан Герасимовски (343 Е), Бојан Маричиќ (272 Е), Максим Димитириевски (200 Е), Љупчо Николовски (155 Е), Сашо Митровски, градоначалникот на Крива Паланка (155 Е), но за огласот платил огранокот на СДСМ. Помалку од 100 евра во овие 90 дена платиле Алијанса, Беса, Билал Касами, Бране Петрушевски, Владо Мисајловски и други.
Во вкупниот износ од близу половина милион евра што ги инкасирала Мета од македонските корисници кои се регистирани за плаќање на политички огласи влегуваат и износите што ги платиле и дигитални медиуми за спонзорирана содржина.
Недоволната транспарентност на трошењето на политичките партии и политичарите е забележана и од меѓународните организации, кои очекуваат подобрување во оваа област. Иако трошењето за време на изборите се следи од Државниот завод за ревизија, Државната изборна комисија и Државната комисија за борба против корупцијата, парите за огласувањето на интернет не е најпрецизно прикажано.
Ова го потврдува и ДЗР во одговорите до Канал 77.
Во Конечните извештаи на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на сметките на учесниците во изборната кампања Локални избори 2021 година, е забележано:
„Истакнуваме дека за интернет претставувањето кое учесниците во изборната кампања го вршат преку социјалните мрежи не е уреден начинот на организирање, плаќање, следење и известување до надлежните органи за овој вид на изборно претставување“, извештај на ДЗР.
ДЗР исто така смета дека потребно е унапредување на финансикото известување на политичките партии, со јасен приказ и на поновите форми на огласување.
„Министерството за финансии со подзаконски акт да го уреди начинот на водење на деловните книги и подготвување на финансиските / финансискиот извештај за изборната кампања почитувајќи ги сите видови / извори на финансирање на изборната кампања кога не секогаш истите предизвикуваат паричен прилив на трансакциската сметка“, препорачува ДЗР.
Но, меѓу два изборни циклуси, формата на ФБ спонзорирање партиите и политичарите масовно ја користат, додека на сила е законот со кој се забранува рекламирање и огласување во медиумите. И ова е во сивата зона, бидејќи навистина, не се огласува во домашните медиуми, но во изобилство се плаќа во еден странски – моќниот Фејсбук.
(В.К.)