Со повреда на прстите од едната рака во Итната медицинска помош Македонска Каменица бил донесен работник од погонот флотација во рудникот „Саса“. Работникот се повредил вчера додека ги извршувал своите работни задачи. Случајот е пријавен и како што соопшти СВР Штип, увид на местото извршиле екипа на Надворешната канцеларија за криминалистички работи од Делчево и трудов инспектор, а за настанот бил запознаен јавен обвинител.
Од рудникот го потврдуваат случајот.
-Постапувајќи согласно процедурите за безбедност и здравје при работа во „Саса“, работникот веднаш бил прегледан и му била пружена соодветна медицинска нега од страна на дежурното медицинско лице во амбулантата на Рудник „Саса“. По пружената прва медицинска помош работникот со придружба бил испратен на понатамошни испитувања. По спроведените лекарски прегледи, повредата била санирана, по што работникот веќе од денеска повторно се вратил на своето работно место, соопштија од компанијата.
Од рудникот додаваат дека сите вработени се обезбедени со комплетна лична заштитна опрема, се организираат редовни обуки од областа на безбедноста и здравјето при работа, воведени се задолжителни редовни медицински прегледи.