Два плаца, за кои беа донесени маркици во Деталниот урбанистички план, со одлука на Советот на Општината Штип, влегоа во Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на државата. Едниот плац е во населбата Автокоманда, со површина од 5692 квадратни метри, дел од комплексот дуќани со времени објекти, за каде е вцртана маркица за објект за домување во колективни станбени згради со приземје и 9 ката.
Како што образложи Лазар Хаџи-Николов, плацот се внесува во Програмата, со цел понатаму да се огласи за продажба.
-На заинтересираните субјекти ќе им се понуди парцела со намена домување во колективни станбени згради, изјави Хаџи-Николов.
Втората парцела што ќе се продава е во месноста „Стари Бунари“ и таму е вцртана маркица за мал комерцијален објект. Се работи за површина од 2992 квадратни метри, каде треба да се гради двокатница.
И двата плаца што се внесуваат дополнително откако веќе е донесена и усвоена Програмата, се добиени со парцелизација, како што беше објаснето.
За плацот во Автоманда, веќе со години сопствениците на времените објекти бараат да го добијат просторот што локалната власт се обидува да го внесе во ДУП и да го продаде. Сопствениците сметаат дека треба прво на нив да им се понуди, со оглед на тоа дека имаат развиени бизниси, кои работат долги години.
Неофицијално, за овој простор интерес пројавил еден од големите инвеститори на станбени згради. Парцелизацијата е само делумна и не го покрива целиот простор каде се поставени времените објекти. Според претходните најави на Општината Штип, вториот дел од поголемата парцела ќе биде наменета за поставување на типски објекти, каде ќе се сместат бизнисите на сегашните сопственици на времените објекти. Но, колку од сегашните ќе може да се вселат во тие типски објекти, беше прашањето што на протест го поставија овие сопственици пред неколку месеци.
Во моментов таму има 70 објекти од времен карактер.