Ајкула убила 59-годишен австралиски турист недалеку од популарна плажа во француска Нова Каледонија, јавуваат странските медиуми.
Таа неколку пати го каснала, поради што мажот се здобил со тешки повреди на рацете и нозете и починал на лице место. Австралиецот во моментот на нападот бил оддалечен 150 метри од преполната плажа во градот Нумеа.
Две лица кои пловеле во близина со чамец го вратиле на плажата, каде итните служби се обиделе да го спасат. И покрај обидите за реанимација, несреќниот турист починал. Многу капачи биле сведоци на страотниот напад и панично избегале од морето до брегот, а потоа полицијата го евакуирала поширокото подрачје, пишуваат локалните медиуми.
Градоначалничката Соња Лагард нареди затворање на повеќето плажи во областа и фаќање на ајкулата. Беа распоредени дронови, а две ајкули беа забележани пред операцијата да биде прекината поради темнината, соопшти локалната полиција.
Ова е трет напад на ајкула во близина на плажата Шато-Ројал во последните три недели, пишува Би-Би-Си. Во тој предел на 29 јануари ајкула тешко повредила 49-годишен пливач, а неколку дена подоцна нападнала и сурфер. Инаку, Нова Каледонија е француска прекуморска територија која се наоѓа на околу 1.200 километри источно од Австралија.
Иако има само 270.000 жители, таа е рангирана на 13-то место во светот по вкупниот број на напади на ајкули, според Природонаучниот музеј на Флорида, кој води статистика од 1958 година, пренесува Мондо.рс