Секој пациент кој смета дека му е прекршено одредено право, може да се обрати кај Комисијата за унапредување на правата на пациентите. Работата на ова тело беше во прекин поради ковид пандемијата, но од септември повторно функционира на чело со д-р Никола Пановски.
Денеска на прес конференција тој информираше дека досега членовите на Комисијата одржале девет состаноци, а искуството покажало дека кога се работи за правата на пациентите нема партиска поделеност. До оваа Комисија може да се обрати секој ако е жител на Скопје, а нејзините надлежности се во делот на унапредување на правата на пациентите и нивна заштита, разгледување на поплаки, предлагање мерки за подобрување на заштита на правата на пациентите од надлежните органи. Од Комисијата најавија дека подготвуваат извештај за правата на пациентите, кој на 23-ти месецов ќе се најде на дневен ред.
Од септември досега, пристигнати се четири поплаки, но советниците очекуваат нивниот број постепено да се зголемува.
„Имавме средби со повеќе здруженија и тие директно ни ги пренесоа нивните поплаки, имавме конструктивни средби и ние како советници издејствувавме оваа година да се набават 300 инсулински торбички за децата со дијабетес. Ќе делуваме во рамките на надлежностите, сепак ова е комисија на Град Скопје, не е државна институција, но имаме елан да помогнеме да се унапредат правата на пациентите“, објасни на денешната прес конференција Катерина Јовановска која е дел од ова тело.
Таа додаде дека доколку некој граѓанин сака да ги контактира, тоа може да го направи телефонски или пополнувајќи формулар кој е прикачен на веб страницата на Град Скопје каде е наведена и соодветната електронска адреса.
Д-р Пановски најави дека ќе имаат соработка со комисиите од општините, а планирана е и средба во Министерството за здравство.
„Незгодно е да ја одбиете поплаката на жител кој не е од Скопје, тука постои таа дилема, најверојатно би го упатиле до соодветната општина, но доколку на пример станува збор за студент од друга општина кој живее во Скопје, би го разгледале неговото барање. Што се однесува до претставките што ги имавме, тие ги одговоривме, не беа директно, беа повеќе совети или прашања од пациентите каде да се обратат“, рече д-р Пановски.
(В. Ми)