Седум дојави за бомби за помалку од еден месец во Скопје, дојавите за бомбите се испратени на електронските пошти на повеќе училишта, но за МВР и јавноста досега сторителите остануваат непознати.
Додека траат антитерористичките проверки, учениците губат од наставата, а за тоа како овие ситуации може да влијаат врз нив ММС разговараше со психологот Јорданка Черепналкова Трајкоска од Првата детска амбасада Меѓаши.
Од аспект на психолог, може ли да ни кажете како овие чести дојави за бомби влијаат врз менталното здравје на учениците, дали тие може да предизвикаат стрес, анксиозност и друго чувство или состојба?
Би рекла дека не е неопходно да биде човек психолог за да претпостави како ова влијае врз менталното здравје. Доволно е да бидеш само човек. Единствените два вида вродени стравови, својствени и за животинскиот свет, не само на човекот, се стравот од губење на тлото под нозете (незбедност) и силен звук. Овие два вида стравови се директно поврзани со безбедноста по животот на човекот. Сите останати се научени. Ова го кажувам како асоцијација на тековната состојба на која укажувате, а која значи директна закана на безбедноста на животот и директно „комуницира“, се обраќа токму на вродените стравови. И тука не е важна возраста.
Деновиве имавме работилници со група ученици од неколку скопски средни училишта и оваа тема се појави и во текот на работилницата. Ќе ги пренесам нивните размислувања, очекувања и предлози. Со оглед на тоа што состојбата трае веќе определен период и се повторува во неколку наврати, младите имаат простор и подлабоко да размислат за истата. Самите рекоа дека многу често им е тема на разговор.
Истражуваат, се интересираат, свесни се и забележуваат дека и возрасните, вклучително и професорите и родителите се вознемирени па дури забележале и знаци на паника кај некои. Она што може да нѐ радува е капацитетот што го имаат младите. Во кризна ситуација, тие се обидуваат да ги разгледаат опциите, да разберат. Многу се разочарани од неуспехот на надлежните, односно на МВР да се справат со проблемот. Очекувале и од највисоко ниво – од Претседателот на државата обраќање во насока на смирување и покажување дека будно се следи состојбата. Имаат и свои претпоставки, не веруваат дека се вистински засновани, но се разочарани од несоодветното справување.
Секоја појава што ја засега безбедноста предизвикува стрес, анксиозност, понекогаш и панични напади. За среќа младите со кои разговаравме не се во таа група, туку се ментално силни и здрави личности и се надевам дека повеќето се.
Досега се утврди дека ваквите дојави се лажни, но со оглед на тоа дека зачестија во последните недели, дали истите може да влијаат врз односот на учениците кон наставата и училиштето воопшто? Постои ли ризик да покажат одбивност кон учењето ако се знае дека веќе изгубија од наставата?
Ова е добро прашање за стручните служби во сите училишта – да направат анкета, анализа, за да можат да преземат соодветни мерки, активности доколку се открие дека има сериозни последици. Не би сакала да претпоставувам провизорно. Не ми се чини дека има директна врска меѓу учењето и случувањата. Верувам дека мотивот за учење е посилен, а и тоа ми го потврдија и со она што во разговорот излезе – нивниот проактивен однос кон случувањата – размислуваат, истражуваат, комуницираат меѓу себе… Можеме да учиме од нив!
Каква би била тука улогата на училишните психолози? На кој начин сметате дека тие би можеле да им помогнат на учениците да се справат со стресот поради евентуалната небезбедност?
Ова е ситуација на кризен менаџмент и не сум сигурна колку стручните служби, наставниот и раковдниот кадар се доволно обучени во оваа насока. Правата работа што се прави во криза е отворено и проактивно да се обратиш на „своите“, во случајот на училиштата тоа се прво наставниците, па потоа и учениците. Мора да се направи безбедна средина, средина на доверба, дека што и да се случи може да се има контрола врз случувањата. Ми се чини дека малку пренагласено се известува во медиумите, со многу претпоставки, шпекулации, „што ако“ претпоставки што никако не придонесува кон обезбедување посигурна општа атмосфера. Напротив. Мислам дека е добро да се запраша секој новинар пред да објави било што во врска со ваков вид кризни состојби што сака да постигне со целта, кое се можните последици и како може да придонесе кон подобро разбирање на состојбата.
Оттаму, една од работите што би можеле стручните служби, во кои нема само психолози, со поддршка од раковдоството да се обратат до медиумите, да ги информираат каква е состојбата без да чекаат тие ним да им се обратат, да не бидат затекнати со прашања. Тоа е исто еден од првите чекори во управувањето со кризни состојби – информирање и на пошироката јавност и во тој контекст училиштата преку стручните служби би можеле да гледаат на медиумите/новинарите како сојузници и на тој начин да придонесат во смирување на состојбата.
Вон вакви состојби, стручните служби може да прават и други активности, но можат и наставниците, професорите преку разговори, дискусии, за да им дадат можност на младите да ги искажат своите грижи, стравови, други чувства… Со други зборови да градат безбедна училишна средина во која секој ќе се чувствува слободно да го каже своето мислење, изрази своите чувства, се разбира не повредувајќи при тоа никого.
Вања Мицевска