Повредени и загинати лица, речиси секојдневно преку медиумите гледаме вознемирувачки вести и слики за сообраќајни незгоди и несреќи. Нема човек што би останал рамнодушен на сите тие тажни животни приказни. Но најверојатно тоа не е доволно, полициските билтени и понатаму даваат нови застрашувачки податоци-посебно кога зад волан седнуваат возачи без возачка дозвола и тоа најчесто малолетници.
Сообраќајната полиција во текот на 2022 година санкционирала 24.972 возачи кои без положен возачки испит учествуваат во сообраќајот на патиштата, а една година претходно 24.053 лица. Иако нема официјални податоци, праксата покажува дека голем процент од овие возачи се малолетници.
-Зошто? До кога? Која е цената што треба да се плати за конечно да се разбере дека сообраќајот е извор на опасности? Што треба да се случи за да се биде одговорен возач и одговорен родител?“, редовно во своите апели посочуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП)
Секоја година во програмата за работа на РСБСП се планира и реализира кампања за подигнување на сообраќајната свест кај младите која трае неколку месеци, со посебен акцент на периодот кога се организираат матурските прослави, поради тоа што токму тогаш многу млади момчиња и девојчиња, некои од нив се уште малолетници, без возачка дозвола седнуваат зад волан. Се сметаат за зрели учесници во сообраќајот но незрели да полагаат и добијат соодветна возачка дозвола.
Дистрибуција и презентација на едукативни видео спотови за млади, организација на превентивно-едукативни настани и предавања за младите – сообраќајни училници, изработка и дистрибуција на едукативни материјали, активности за подигање на јавната свест за безбедно вклучување на младите возачи во сообраќајот, се дел од превентивните активности што ги спроведува РСБСП заедно со МВР, МОН, Црвениот Крст, Општинските совети за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Дел од кампањата се реализира и преку електронските медиуми – објава на едукативни текстови, веб банери со пораки, учество на претставници на РСБСП во ТВ и радио емисии, објава на активности на веб страницата, како и на фејсбук и инстаграм профилите на РСБСП итн.
Мора да има едукација, да се делува превентивно, тие страшни слики од сообраќајни несреќи да не станат нечие секојдневие
Дали казните изречени од надлежните институции, можат да влијаат малолетниците што без возачка дозвола седнале зад волан и евентуално направиле и кривично дело во иднина нема да не го повторат делото.
„Било да станува збор за кривнична постапка спрема дете или прекршочна постапка спрема дете, целта на судската постапка не е да се казни детето туку да се делува воспитно. Децата се уште не се ментално добро развиени и не се свесни за своите постапки,“ вели Марина Здравкова, судија за деца при Основниот суд Штип.
Децата коишто без возачка дозвола седнуваат зад волан прават прекршок со самото управување без возачка, прекршок е и сообраќајна незгода во која учествувало дете а во којашто е настаната материјалнa штета или настаната телесна повреда на лицето што управувало со возилото. Има и кривично дело, кога детето освен што вози без возачка и кога во текот на управувањето со моторното возило дојде до сообраќајна незгода и во таа сообраќајка телесно е повредено трето лице. Тоа трето лице може да биде сопатник, возач во другото возило или пак пешак.
„Постапката спрема деца е специфична и е регулирана со Закон за правда на деца, без разлика дали е тоа кривична или прекршочна постапка. Во текот на постапката задолжително е учеството на Центарот за социјални работи. Јас откако ќе добијам предмет, кривичен или прекршочен задолжително барам мислење од ЦСР. Како прво дали е целосообразно да се води постапка спрема детето и второ доколку од тука сметаат дека е целосообразно да се води постапка да ми се достави извештај за приликите во коишто живее детето, за неговиот досегашен развиток, дали претходно се јавува како сторител на прекршоци или кривични дела за што тие имаат евиденција, како и да ни дадат препорака за тоа каква мерка во конкретниот случај треба да се изрече и која што евентуално би била успешна во конкретниот случај. Тим од ЦСР ги испрашува децата затоа што е постручен -има психолог, социолог, социјален работник. Тие ги обезбедуваат информациите, какви се приликите во коишто живее детето, дали се смета дека тоа што го направило е непромислено или пак обмислено. Дали има потенцијал кај тоа дете за вршење на кривични дела, дали може семејството да влијае врз него превентивно за да го свати значењето на тоа што го направил ,“ вели Здравкова.
Сите постапки за деца па и тие што се од областа на безбедноста во сообраќајот се водат во суд. Прекршочната постапка е многу поедноставна и најчесто во случај на прекршок за возење без возачка дозвола се изрекува мерка УКОР. Ако делото се повтори , се изрекува засилен надзор од страна на родител во период од една до три години а ЦСР е должен да го следи извршувањето на таа воспитна мерка.
Кога станува збор за кривични постапки, на пример кога телесно е повредено трето лице, а возачот е е дете, овластен тужител е Јавен обвинител.
„Таа постапка се покренува врз основа на поднесено барање за поведување претходна постапка, односно подготвителна постапка од страна на Јавното обвинителство, кое што ја доставува потребната документација. Ние спроведуваме една подготвителна постапка по доставеното барање при што задолжително се обраќаме до ЦСР , од тука очекуваме извештај, а се повикуваат на разговор детето и неговиот законски старател. Ако родителот не може, се обезбедува и бранител по службена должност, се повикуваат сведоци, оштетени лица и вештачење за евентуална телесна повреда со кое се има здобиено трето лице. Во целата постапка детето е присутно и информирано за се’ што се случува кон него. Како судија утврдувам дели детето е способно да ја следи целата постапка и истата да не претставува траума за детето. Многу е битно да му се објасни на детето дека не е целта тој да се казни, дека сепак тој е дете и дека тоа што го има направено е општествено прекршливо и за тоа мора да се преземат мерки. Секогаш внимаваме се’ што се прави да биде во најдобар интерес на детето,“ образложува Здравкова.
Откако ќе сe спроведе таа подготвителна постапка се доставува до Јавното обвинителство предмет и се бара нивно мислење, предлог за воспитна мерка- Каква санкција да се изрече за детето. Јавниот обвинител доставува предлог за изрекување на соодветна мерка.
„Кога ќе достави Ј.О таков предлог, закажуваме седница на Советот за деца. Советот го сочинуваат судија за деца, и двајца судии поротници. Уште еднаш ги повикуваме, иако не е задолжително, детето, законскиот застапник, Ј.О и бранителот, ги изведуваме доказите и по тоа донесуваме колегијална одлука- каква мерка да се изрече. На децата гледаме како небрежни сторители, непромислени сторители на кривични дела и најчесто мерките се засилен надзор од родител или надзор од страна на ЦСР. И двете мерки се воспитни мерки и се движат од една до три години, “ објаснува Здравкова.
Додава и дека има случаи кога делото се повторува, но и случаи кога ниту детето ниту родителите не се јавуваат во судот по евидентираниот прекршок за управување со возило без возачка од страна на малолетно лице.
„Ние немаме механизам, кога станува збор за дете, да ангажираме Полиција за присилно да го спроведе, а не можеме ниту да ја спроведеме кривичната постапка, без присуство на детето,“ образложи Здравкова.
Казна и за детето и за родителот
За возењето без возачка на малолетници се изречуваат казни и по членот 317 став 2 и 14 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Не само детето, се санкционира и родителот за прекршок затоа што му дозволил, неговото возило да го управува лице коешто нема возачка дозвола. Паричната казна е сума од 250 евра.
Казна е предвидена и за надоместок за евентуално направена материјална штета. Се задолжува детето преку родителот за да ја надомести направената штета што ја имало другото лице.
И во целава оваа приказна -Која е улогата на родителите?
Многу оправдувања и многу изговори, ама реалноста никој и ништо не може да ја смени.
Додека тие длабоко во себе се задоволни како нивното дете е многу ценето, барано, сакано од своите врсници, изигруваат фраери, со скапите автомобили, таму на улиците се губат млади животи. Тешки солзи се пролеваат на патиштата, кои можеле да се спречат.
„Дајте му на знаење на своето дете дека ништо не е поважно од животот. Дајте му на знаење дека семејниот автомобил е забранет додека не се создадат предуслови за тоа,“ велат од РСБСП.
В.Кр