Фондот за здравствено осигурување попладнево соопшти дека пациентите ќе можат да се лекуваат непречено и покрај техничките проблеми и сајбер нападот со кој се соочува институцијата, од којшто се нефункционални дел од ИT системите.
-И покрај детектираните технички проблеми и нефункционалности на дел од електронскиот систем, пациентите ќе можат и понатаму непречено да се лекуваат на сите клиники како и преку матичните лекари кои можат да вршат прегледи, да издаваат упати и рецепти кои се подигнуваат во аптеките без застој, соопшти ФЗО.
Моментно, Фондот се справува со сајбер напад кој ја предизвикува нефункционалноста на дел од ИТ системите. Експертски тим работи 24/7 на справување со предизвиците и нивно отстранување во најбрз можен рок.
-Приоритет се дава на најбрзо можно враќање во функција на системот за исплата на боледувањата, породилното и рефундациите, а ФЗОРСМ веќе има издадени упатства кон подрачните служби за решенија со кои граѓаните тековно ќе ги остваруваат своите права. Во интерес на прецизно информирање на граѓаните, во најбрз можен рок, и штом се утврдат повеќе информации, јавноста ќе биде навремено известена, наведуваат од ФЗОРСМ.