Атмосферата во Газијантеп е драматична и многу тензична, бидејќи луѓето полека почнуваат да го губат трпението што на спасувачите им е потребно толку време да ги извлечат нивните најмили од под урнатините.
Поминаа повеќе од 48 часа од првиот земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер кој ја погоди Турција. Бројот на жртви не само во оваа земја, туку и во соседната Сирија веќе се искачи на над 9400, а се стравува дека бројот допрва ќе расте, бидејќи времето на спасувачите полека истекува… Иако стигнуваат охрабрувачки вести дека после 40 или 40 часа тие успеале да извлечат живи луѓе од урнатините, надежта на оние чии најмили се водат како исчезнати, полека умира.
Ибрахим и неговиот четиригодишен син и понатаму се покрај разрушената зграда во Газијантеп во која, како што се верува, е затрупана неговата сопруга, односно мајката на неговиот син. Во овој град кој се наоѓа близу епицентарот на првиот земјотрес, срушени се околу сто објекти. Секогаш кога спасувачите бараат целосна тишина за да може да ги слушнат повиците на луѓето под урнатините, во Турција се случува момент на тишина полн надеж, но веќе во следниот момент се слуша звукот на багерите го расчистуваат срушеното. Турските власти велат дека повеќе од 8.000 луѓе се извлечени од урнатините ширум погодените подрачја. Во меѓувреме таму пристигнуваат спасувачки тимови од целиот свет, меѓу кои пожарникари и спасувачи од нашата држава.