Расправање и недоличен однос на административни службеници од владиниот протокол кон новинарски екипи, нелогични правила кои ограничуваат влез на новинари и физички ги дели новинарите од снимателите од местото на настанот, игнорантски однос на новинарски прашања, селективно издавање акредитации на медиумите се дел од пропустите и грешките кои институциите ги прават за време на денешното одбележување на официјалното чествување пред гробот на Гоце Делчев во цркавата „Св. Спас“ во Скопје, реагираат од ЗНМ.
Настанот се уште трае што остава можност на организаторите да се коригираат овие грешки и да се излезе во пресрет на новинарите и снимателите кои се таму, бидејќи што тоа им е професионална обврска во насока на известување за потребите на граѓаните и задоволување на јавниот интерес.
Санкција од Владата за постапките на службеничката е само првиот чекор што треба да води кон сериозна промена на односот кон новинарите и медиумските работници. Укажуваме дека административни службеници немаат овластувања да комуницираат со новинари на терен, па дури и дрско да им наредуваат каде тие треба да се позиционираат и како треба да си ја вршат новинарската работата.
Бараме и објаснување од кабинетот на премиерот зошто новинарите во првиот дел на одбележувањето на овој настан имаа забрана за влез во објектот на „Св. Спас“.
Предупредуваме дека вакви арбитратни одлуки, не само што креираат лоша пракса за организирање на идни настани од страна на Владата, туку ја вознемируваат новинарската заедница и ги ограничуваат присутните новинари да имаат пристап до случувањата кои се од јавен интерес.