Празничните собиранки доаѓаат по „данокот“.
Ординациите се преполни со пациенти со вирусна симптоматологија, а по повеќе од две години од појавата на ковидот, тешко се прави разлика меѓу симптомите на грип и коронавирус.
Дали рестриктивните мерки воведени поради пандемијата претходно нѐ штитеа и од грип, на што најчесто сега се жалат пациентите, кои се препораките за терапирање и дали суплементите може да ни наштетат, се само дел од прашњата за кои ММС разговараше со д-р Даниела Николовска, специјалист по семејна медицина од Кратово.
-Деновиве се случува хаос, имаме наплив на пациенти кој не е вообичаен, бидејќи во изминатите две години поради антиковид мерките ние немавме грип. Веројатно беше така поради маските што ги носевме и изолираните контакти. Грип немавме регистрирано две години и не беше така само кај нас во Кратово, туку секаде во Македонија беше падната бројката на заболени од грип, вели во интервју за Македонски медиа сервис д-р Николовска.
Според неа, оваа година има и грип и ковид.
-Меѓутоа имаме и еден друг проблем, не можеме да тестираме. Во Кратово нема ПЦР тест, а пациентите одбиваат да одат во Куманово. Правиме брзи тестови, кои знаат често да бидат лажно позитивни или лажно негативни. Поради тоа и најмногу се создаде „хаос“, но сѐ почеста е типичната клиничка слика за грип, а помалку за ковид моментално – објаснува докторката.
Покачена телесна температура и малаксаност – први симптоми на грип
Во однос на прашањето на што генерално се жалат пациентите и кои се најчестите симптоми, таа вели дека грипот прво се манифестира со висока температура (39 степени), па силна малаксаност, болка во зглобови и мускули. Николовска додава дека по ден-два почнува сувата кашлица, симптомите се проследени и со растечен нос или затнат нос, а кога болката почнува да попушта во мускулатурата, најчесто останува да ги мачи пациентите напорната сува кашлица.
Таа нагласува дека основните препораки се многу одмор и многу течности бидејќи грипот бара многу течности.
„Сувата кашлица бара добра хидрација, колку повеќе сме хидрирани толку полесно ќе ја поминеме. Се препорачува лесна храна, од витаминска терапија не препорачувам вештачки витамини, подобро е тоа да бидат витамини внесени преку храната, преку свежо овошје и зеленчук, цедени сокови“, смета д-р Даниела.
Таа констатира дека здравата храна е подобра од суплементите бидејќи како што вели, со нив претеравме во двете пандемиски години.
„Од суплементи препорачувам витамин Д како една редовна превентивна доза којашто секако треба да ја примаат и во педијатриската популација и возрасните, секако во соодветна доза“, порачува таа.
Антибиотик само при компликација
Во меѓувреме, докторката на социјалните мрежи апелираше дека е потребна особена внимателност при употребата на антибиотици и порача „прво компликација, па антибиотик“.
Ја прашавме како се манифестираат компликациите и во кој случај е најдобро да се дадат пациентите?
„Знаци на компликација кои пациентите сами можат да ги видат се покачена телесна температура која продолжува и после четвртиот ден. Компликација може да биде и влошена кашлица при што почнува искашлување на жолт или зелен секрет, болка во градите којашто може да биде остра, болка придружена со гушење, силна малаксаност, вртоглавици кои би можеле да значат и пад на сатурацијата или евентуално бледа или сино пребоена кожа или нокти, усни…Тоа веќе би значело дека сатурацијата ни е ниска. Тогаш најчесто пациентите комплицираат со бронхопневмонии, се прават дополни анализи, ренгенски снимки, повторно се прават крвни анализи, се проверува ЦРП, па тогаш се донесува одлука за антибиотска терапија. Значи антибиотик превентивно никако, се дава само при компликација“, предупредува нашата соговорничка.
Таа вели дека темата за антибиотиците често ја разговара со своите пациенти, но таа особено се актуелизирала во последните години. Додава дека пациентите ги прифаќаат и слушаат советите и не инсистираат да им се даде антибиотик доколку таа смета дека тоа не е потребно.