ММС

Акцијаши ветерани од поранешна Југославија се собраа во Велес и разговараа како да се врати акцијашкиот дух

Кога беа млади ги градеа железничката пруга „Брчко – Бановиќи“ и автопатот „Братство – Единство“ во тогашната држава Југославија. Тие доброволно работеа и  на изградби на водоводни и одводни мрежи, кејови и хидроцентрали, пошумуваа голини и уредуваа туристички места. Се натпреваруваа на траса и во друштвените активности во бригадирските населби. Најдобрите  освојуваа највисоки признанија и ударнички значки.

– Ни го доделија тоа посебно признание, највисоко во тоа време на сојузни работни акации.  Посебно сум горд што го добија одлични деца од Велес и една група на гимназијалци, па и студенти, денеска успешни доктори, инжинери  вели Фехим Јусовиќ, командантот на МРБ „Кочо Рацин“ која од акција во Фрушка Гора во 1976 година, во Велес го донесе највисокото сојузно акцијашко признание „Вељко Влаховиќ“.

„Силно светнал ден“ беше мотото на акцијашката средба по повод јубилејот „60 години од формирањето на акцијашката бригада Кочо Рацин“. Во Велес викендов дојдоа акцијаши – ветерани од Триглав до Вардар. Имаше и млади следбеници од Охрид, од Скопје, од Нови Пазар и од Куманово. Сите присуствуваа на формирањето на велешката Волонтерска  младинска бригада „Кочо Рацин“.

–  И да им пренесеме на младите дека доброволната работа не е само тоа туку дека се стекнуваат пријателства што траат цел живот. Јас имам една мисла што ќе ја кажам и гласи: Низ секоја земја пројди, во секој град дојди и најди пријател со кој ќе се гордееш, рече акцијашот ветеран Ненад Бјелош  од Кикинда, Р.Србија.

– Јас се надевам дека вгодина ќе имаме и ученици, средношколци со кои ќе дојдеме во Македонија а ќе учествуваме и на втората доброволната акција во Нови Пазар, рече акцијашот  ветеран  Ненад  Лауко од Марибор од Р.Словенија

На средбата во Велес, организирана од ЗГ „Акцијаш – ветерани“ учествуваа 75 поранешни бригадири од Словенија, од Србија и од Босна и Херцеговина како и  45 ветерани  и 70 млади од повеќе градови на Северна Македонија.

Убавка Јаневска