– ММС
Вести Македонија Спорт Фудбал

Убав ден за македонскиот фудбал: Во Скопје победена Словенија, во Подгорица – Црна Гора

Македонскиот фудбал вчера имаше ретко убав ден. Синоќа во Скопје, во рамките на валификациите за ЕП, сениорската репрезентација со 2-1 (0-0) ја победи Словенија, а неколку часа претходно и нашата репрезентација до 21 година постигна победа со истиот резултат – 2-1 (2-1) во Подгорица кај Црна Гора, исто така во квалификациски натпревар за ЕП.

Двата гола на мечот со Словенија ги постигна Елиф Елмаз во 50. и во 68. минута, а нашиот млад фудбалер имаше и поништен гол во финишот на првото полувреме, поради, како што проценија судиите, офсајд. Словенците, преку Јосип Иличич од пенал, намалија на 2-1 во судиското продолжение, на една минута пред да биде означен крај на натпреварот.

Со трите бода од мечот, Македонија се доближи до посакуваната цел – второто место во групата. Прва е Полска со 16 бода, која синоќа со 3-0 славеше на гостувањето кај Летонија, втора е Австрија со 13 (синоќа во Виена со 3-1 го победи Израел), Македонија и Словенија ја делат третата позиција со по 11, Израел има осум, а последна е Летонија без бодови. В недела Македонија и’ гостува на Полска.

Македонските репрезентативци до 21 година, пак, се лидери во групата по двете одиграни кола, откако прво во Скопје триумфираа со 7-1 против Фарски Острови, а вчера ја победија и Црна Гора. На гостувањето во Подгорица двата гола за нашите надежи ги даде Јани Атанасов. Првиот од слободен удар во 13. минута, а вториот од пенал во 33. Претходно Црногорците успеаја да поведат во 10. минута.

Лограње

X

Регистрација