– ММС
Вести Македонија

По двајца радиолози ќе ги читаат мамографските снимки за рано откривање рак на дојка

Првпат од функционирањето на мамографски скрининг, Министерството за здравство воведува новина за двојно читање на мамографските слики, со што мамографските снимки за рано откривање рак на дојка ќе бидат независно анализирани од двајца радиолози.  Здравствените власти информираат дека овој начин на работење е воведен во шест центри во земјата, односно во трите мамографски центри во Скопје – ГОБ „8 ми Септември”, Институт за радиологија и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски” (стара градска), како и во болниците во Тетово, Прилеп и Охрид за што е направена надградба на националниот електронски систем МојТермин. Оваа новина, додаваат, е воведена за максимално да се зголеми бројот на лица заболени во рана фаза од болеста.

-Радиолозите што ќе прават двојно читање ќе треба да имаат искуство на читање мамографски слики од минимум 800 пациентки. Со новата софтверска програма ќе се следи техничкиот квалитет на сликите, квалитетот на мониторите на кои што се прикажуваат и радијациските дози што ги добиваат пациентите. Токму месец октомври е месец за превенција од рак на дојка, за таа цел потсетуваме да направите самопреглед на дојка, да закажете ЕХО на дојка преку вашиот матичен лекар, а доколку сте на возраст од 50 до 69 години јавете се на бесплатниот телефон 0800 15 444 и закажете мамографски преглед – велат од Министерството за здравство.

За пријавените жени од оваа возрасна група, кои ќе бидат опфатени со скринингот, мамографскиот преглед ќе биде бесплатен, а средствата се обезбедени преку Програмата за рана детекција на малигни заболувања при Министерството за здравство. Со ова, Македонија ќе биде единствена држава во регионот која има вакви процедури за контрола на квалитетот, како што има во Велика Британија, Холандија, Белгија, Шведска, Словенија, кои се лидери по успешност на мамографскиот скрининг, велат од Министерството.

Од таму апелираат сите жени на возраст од 50 до 69 години, кои ќе бидат поканети на скринингот да се јават на закажаниот преглед, бидејќи раната дијагностика е клучна и спасува животи. Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жената, но доколку се открие во рана фаза значително се намалува процентот на смртност.

Лограње

X

Регистрација