ММС

ЈО ќе испитува дали незаконски се прислушувало при трансферот од УБК во новата Агенција

Зад затворени врати Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, одлучи да го информира републичкото обвинителство дека сите наредби за прислушување не  биле прекинати со завршување на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање.

„Комисијата едногласно донесе заклучок да го информира јавното обвинителство без да прејудицира дали имало или не, незаконско постапување при прекинувањето на наредбите за следење на комуникациите со завршување на работата на УБК и повторно воспоставување во период кога започнува со работа АНБ. Со оглед дека за време на надзорот не ни беа доставени наредбите на увид, дел од материјалот беше презентиран денеска на самата седница. Комисијата оцени дека треба да го запознае јавното обвинителство со случајот“рече претседателот на собраниската Комисија за надзор на спроведувањето на мерките за следење на комуникациите, Емил Димитриев.

На собраниската комисија, на која прва точка на дневен ред беше Извештајот од извршениот надзор над работата на АНБ, присуствуваше и директорот на АНБ Виктор Димовски.

„Едни наредби завршуваат, други почнуваат, така што тука нема константен број. Принципот на работа е ист, техниката на работа е иста од УБК со сегашната АНБ.

Нашата дилема беше во тој дел бидејќи повеќето членови на Комисијата сметаме дека навистина требало да се направи прекин кога завршува УБК и со нова наредба истите тие таргети и броеви да бидат воспоставени од новата Агенција. Се работи за правно толкување и сметаме дека Обвинителството треба да биде информирано без да прејудицираме дали има или нема незаконско постапување, рече Димитриев.

Димитриев изјави и дека Комисијата ќе го информира Собранието како основач на Оперативно-техничката Агенција (ОТА), да ја задолжи владата да најде трајно решение за просториите на ОТА.

– ОТА во моментов е сместена во простории на „Телеком“, плаќа кирии и нема право да гради и да го адаптира просторот. Фактички државата плаќа кирија на компанија во која самата е акционер – вели Димитриев.

Членовите на Комисијата пред една недела вршеа увид во  работата на новата Агенција за национална безбедност која функционира еден месец.

(НОВА ТВ)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.