ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 09/28/19 12:46 PM

Велија Рамковски гостин во денешниот „Стадион“: Се крчка обнова на „А1“, но веројатно во поинаква форма

Рамковски зборуваше и за поминатите години во затвор, за тоа дека бил подготвен да попушти ако Груевски му „шепнел“ дека ќе му ги затворат синот и ќерката, а за Заев рече дека го смета за историска личност

Велија Рамковски, сопственик на поранешната и некогаш најгледана телевизија „А1“, кој беше гостин во денешната емисија „Стадион“ на „Канал 77“, најави дека се работело на обнова на некогашниот медиум, но веројатно во друга, поинаква форма.

– И по девет години, гледачите не заборавија на „А1“, која и денес е неопходна. Но, тоа враќање би било во друга форма, затоа што сега има нови услови со интернетот, социјалните мрежи, кабелските мрежи. Со техничко-технолошките промени сега може и полесно да се стигне до новите гледачи. Луѓе секако ќе има – и од старата екипа и нови, млади. Мислам дека и пари за еден таков проект ќе се најдат. Јас лично ги немам, но има заинтересирани – истакна Рамковски.

Зборуваше и за седумте години поминати во затвор.

– Тоа е ужасна средина. На пример, еден тоалет на сто луѓе. Бев во иста просторија со луѓе осудени за разни кривични дела, па и убиства. Но, немав поблеми ни со луѓето што управуваат со затворот, а ни со осудениците со кои делевме се’. Ме викаа чичко Велија. Немав никаков инцидент во сите години. Спортував и излегов витален, иако многумина велат дека од затвор само гроб бил полош. Се чувствував невин и затоа низ сето тоа успешно поминав. Но, жал ми е за моите. Да ми речеше некој, Груевски или некој околу него – „Слушај, ќе ти ги уапсиме и синот и ќерката“, ќе попуштев. Чесно кажувам, ќе попуштев, но никој не ми кажа такво нешто – рече Велија Рамковски.

На прашањето и забелешката дека своевремено беше близок со Никола Груевски, тој одговори дека тоа било кратко време.

– Мојата партиско-политичка авантура траеше кратко и беше единствено насочена за развој на земјоделството. Заради земјодлството и контактиравме со Груевски. Тој уште во 2008 година ми го покажа мегаломанскиот проект за „Скопје 2014“. Не ми се допадна некој арогантно и по свој вкус да става масовно споменици и тоа за изминат период од повеќе од 2000 години. Си реков – не одам со овој човек. Тоа е причината, а не некакви пари за телевизијата. Па, тој тогаш „истураше“ пари по сите телевизии. Секаде „шетаа“ владини реклами – се наврати Рамковски на периодот од пред десетина години.

 

Одговори и за односите со Заев и дали не е разочаран што не се пуштиле „бомби“ за „А1“ кои евентуално би можеле да бидат основа за реотворање на судскиот процес.

– Наводно имало такви „бомби“ и дека требало да бидат пуштени. Но, јас не знам ништо за тоа. Заев го сметам за човек кој има душа. Двапати сум бил кај него. Тој направи огромен чекор, ги отвори вратите кон ЕУ и НАТО. Македонија никогаш не била толку високо во светската политика. Затоа, Заев за мене е историска личност – рече Рамковски.

Во емисијата, разговори на телефон, за „А1“, Рамковски, за медиумскиот бизнис во Македонија, имаше и со Горан Гаврилов, Виктор Грозданов, Ацо Кабранов и со Билјана Секуловска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7