– ММС
Вести Македонија

Кривична пријава поради кражба на вода за советник од ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци

Советникот во кавадаречкиот совет и претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци, Зоран Јованчев заработи кривична пријава од кавадаречката полиција. Се сомничи дека крадел вода која излегува од одводна цевка на мини хидро електричната централа на ЈП „Комуналец“ со која го наводнувал својот лозов насад десетина година.

Пријавениот, пред околу 10 години, без одобрение од Јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци, на место викано „Катуниште“, со спојка и црево долго неколку стотици метри се приклучил на одводна цевка која излегува од хидроцентрала бр.3 и во период од 10 години ја користи водата за наводнување на неговиот лозов насад со површина од 4282 метри квадратни – информираа од МВР.

Денеска општинската организација на СДСМ Кавадарци побара Јованчев да поднесе оставка од советничката функција.

Учејќи веројатно од раководните структури на ВМРО-ДПМНЕ за кои се водат еден куп на постапки и обвиненија за разни злоупотреби, по тие стапки тргнал и Зоран Јованчев.  Имено претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци, Зоран Јованчев по пријава од страна на граѓани, е фатен на лице место како краде вода за пиење од изворот Лукар, за наводнување на својот лозов насад во Ваташа.  Човекот кој глуми „загрижен” лозар само кога неговата политичка партија е во опозиција, не само што не го штити јавниот интерес и јавните добра, туку истите ги злоупотребува за сопствени цели.  Ги повикуваме надлежните институции да спроведат темелна и ефикасна постапка за да се дојде до разрешница на овој случај. Со ваквото однесување, Јованчев покажа дека не е достоен да биде советник и да ги застапува интересите на граѓаните. Јованчев мора да си поднесе оставка од Советот во општина Кавадарци, а потоа низ отворена, законска и транспарентна судска постапка да одговара за своите дела – рече на денешната прес конференција Вуко Мелов, портпарол на СДСМ Кавадарци.

Јованчев ги отфрла обвинувањата. На својот фејсбук профил напиша дека се работело за констукција за негова дескредитација.

„СДСМ е во паника и се служат со невистини.Се работи за целосна партиско удбашка конструкција која има за цел моја лична дискредитација. За конкретниот случај и ПС Кавадарци со нивната партиска инфраструктура да им порачам да си го прочитаат извештајот од ЈП Комуналец кој има формирано своја комисија, и каде јасно е укажано дека таа вода е отпадна вода од мини хидроцентралите таа отпадна вода преку нивните испусти ја користат мештаните кои гравитираат околу овие четири хидроцентрали“,  пишува Јованчев и упатува порака до СДСМ дека немало да го  предомислат туку  дополнително ќе го  мотивирале  да ја продолжи  борбата против  како што вели, корумпираната влада.

„На нарачателите на овие гнасни конструкции им порачувам дека знам од кого ви се овие нарачки. Ситни души сте биле и ќе останете за навек“, додава Јованчев.

 

Ангел Данов

 

 

Лограње

X

Регистрација