– ММС
Вести Македонија

Тимовите за преговори за ЈО согласни само дека треба да се почитуваат европските стандарди

Отстапка во преговорите за ЈО само доколку се запазат европските стандарди од едната страна, додека пак другата бара вклучување на прв човек на обвинителството по предлог на опозицијата кој ќе ги задоволи европските стандарди. Ова се ставовите на преговарачките тимови за законот за Јавното обвинителство кои и вчера пропаднаа по околу еден час разговори.

Министерката за правда Рената Дескоска, предводник на тимот на власта, вели дека не може да биде оптимист знаејќи со кого преговара, но нагласи дека постои волја да отстапат до таму до каде што ќе бидат запазени европските стандарди. Додека пак лидерот на тимот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски бара исполнување на ветувањето на премиерот Зоран Заев кој рекол дека по две години од новата власт ќе дозволи предлогот за прв човек на ЈО да биде на предлог опозицијата.

Клучните разлики, според Дескоска, се во процедурата за заптитни механизми и именувањето на прв човек на новото обвинителство.

– Имаме повеќе клучни разлики, процедурата за заштитни механизми, именување на обвинител на челото на новото обвинителство, потоа дали воопшто ќе има ново обвинителство – постои разлика, и трето преодот на случаите, водењето на случаите, значи да се направи солидна правна рамка ако веќе го укинуваме Законот за СЈО, треба тие работи да бидат правно изрегулирани со цел да нема никакво сомневање, рече Дескоска.

Пратеникот Милошоски истакна дека се подготвени да направат консензус доколку власта го испорача она што го ветувала.

– Ние би сакале да го видиме она што власта го ветувала, да биде испорачано. Еден од клучните проекти којшто се однесуваше на оваа област, беше изјавата на мандатарот Зоран Заев, дека Обвинителството ќе биде институција во којашто ќе се враќа заедничката доверба, а две години после неговиот мандат како премиер дека ќе дозволи опозицијата да биде вклучена во процесот на избор на главен обвинител. Гледаме дека не успева да го испорача тоа што го ветил и ние би инститирале сепак да ги преиспитаат своите ветувања, рече Милошовски.

Запрашан, до каде се подготвени да отстапат, со оглед на тоа дека за власта не е прифатлива методологијата на која предлагаат избор на нов шеф на обвинителството, Милошоски одговори дека можат да отстапат дотаму до каде што ќе може да се смета дека има суштинско вклучување на опозицијата во процесот на делегирање на човек со високи стандарди којшто ќе може да ги задоволи европските критериуми за главен обвинител.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, вчера рече дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се блиску до договор за законот за јавно обвинителство, ако има политичка волја. Претседателот смета дека работата околу законот е исчистена и има уште две – три спорни прашања за кои двете партии имаат различно мислење.

Нагласи дека недонесувањето на законот нема да биде пречка за очекуваната одлука во октомври за старт на преговорите со Европската Унија.

МИА

Лограње

X

Регистрација