– ММС
Македонија

Медицинарите го повикаа министерот Филипче тој да го предводи протестот в среда

Доста е! Стоп за насилството врз медицинарите – ова е мотото под кое здравствените работници в среда ќе протестираат на хелиодромот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Протестот го организира Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти, а присуство потврдиле и од Здружението на медицински сестри и акушерки. Дали и на кои други места паралелно ќе се протестира ќе се знае во текот на понеделник или вторник.

Пред повеќе од една година, доктор Божидар Кочовски спречил напад со нож, откако сопруг на пациентка сакал да го нападне и него и уште неколкумина колеги на Клиниката за хематологија. За настанот кој се случи ланскиот јуни, информираше и МВР, имајќи предвид дека случајот беше пријавен во полиција, а медиумите пренесоа дека во врска со ваквиот инцидент, четириесет и тригодишен скопјанец заработил кривична пријава.

Додека и по една година, случајот ја чека својата завршница, доктор Кочовски раскажува дека напаѓачот бил изреволтиран бидејќи докторите го почитувале „Мој термин“. Ваквиот индицент е само еден од низата кои секојдневно се случуваат во здравствените установи во земјава, поради што медицинарите решија в среда да протестираат.

Протестот го организира Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти. Доктор Кочоски, кој е дел од оваа Асоцијација, вели дека секојдневно се изложени на револт кој доаѓа од различните сфаќања за тоа како треба тие да ја вршат својата работа.

„Многу спонтано дојде идејата, како резултат на целокупните настани кои кулминираа со нападот во Болницата Свети Наум Охридски. Ова е еден вид на последна опомена во која бараме итни мерки и донесување на Законот за здравствена заштита и промена на целокупната култура кон здравствените работници. Сакаме да кажеме дека цело време сме по днапади, како вербални така и физички. Сакаме да побараме итни решенија, овој протест е еден вид револт. Идејата ни е да протестираме на хелиодромот на Клинички центар, но сме во координација со сите останати, за да се приклучат сите болници. Не е идејата да бојкотираме, туку е изразување на незадоволството. Се надевам дека ќе се сфати дека единствената намера на протестот е да се зголеми свеста за опасностите со кои се соочува здравствениот персонал и потребни се мерки за заштита “, посочува Кочоски во изјава за Канал 77.

Одговарајќи на прашањето дали протестот ќе влијае на работните обврски, тој одговори дека засега нема да влијае, но како што вели, ова е „жолт картон“:

„Ако не се промени нешто и не се подобрат условите во кои работиме, а работиме во субстандардни услови, ние уште под закана од тупаници да носиме одлуки за нечиј живот, тоа го нема никаде. Затоа реагираме дека сме мета на определени општествени структури кои револтот го насочуваат кон здравствениот персонал. Ние немаме спонзори, ова е од ентузијазам, со цел да се подобри статусот на здравствениот персонал. Ние сме волонтерско здружение, кое има желба за подобро нешто“.

Свое присуство најавиле и од Здружението на медицински сестри и акушерки, а поддршка пристигна и од Здружението на лекари Албанци.

„Претседателството на нашето Здружение нема разговарано на оваа тема, нормално дека и ние сме реагирале околу тепањето на медицинскиот персонал. Ние ги осудуваме овие настани. Реагиравме претходно бидејќи се ветуваше поголема плата, а не е реализирано. За ова што има најави за протест, ние уште не сме седнале да разговараме на таа тема, но ги поддржуваме“, изјави за Канал 77, претседателот на ова Здружение, Невзат Елези.

Медицинарите јавно го повикаа ресорниот министер, Венко Филипче да им се придружи на протестот и прв да го иницира носењето законски измени во Парламентот.

 

Вања Мицевска

Лограње

X

Регистрација