– ММС
Вести Македонија

Првата инклузивна танцова претстава „Пепелашка“ утре ќе биде изведена пред штипската публика

Деца со попреченост се главните протагонисти во претставата „Пепелашка“, која членовите на танцовото студио Еурека утре ќа ја изведат во Дом на млади – Штип. Учесниците во оваа инклузивна танцова претстава се на возраст од шест до дваесет и три години.

Искуството на работа со деца со попречености е преубаво и поразлично од секоја друга работа – раскажува Катерина Јолакоска од танцовото студио.

„Тие се пресреќни бидејќи се опфатени во поразлична активност. Дечињата во Пепелашка се со различни попречености, не би ги етикетирала сега. Во главните улога се лица со попречености, а во останатите улоги се редовните членови во Еурека. Нашата идеја е  на поинаков начин да ги опфатиме лицата со попречености и да ја зголемиме свеста преку културните настани. Преку нив видливоста е голема и се надеваме дека ќе се разбуди интерес и преку други уметности ваквата популација да биде опфатена што повеќе“, вели Јолаковска во изјава за Канал 77.

Претставата премиерно беше изведена во април годинава во МОБ, а изведбата во Штип, која почнува утре во 19.30 часот (влезот е бесплатен), е дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, кој го спроведуваат Македонскиот институт за медиуми, Институтот за медиуми и различности од Лондон и Сојузот на инвалидски организации од  Македонија, а го поддржува ЕУ. Партнери во проектот се дваесетина организации и десетина медиуми, меѓу кои и радио Канал 77.

„Темата за лицата со попреченост би требало што почесто да е застапена во медиумските содржини, бидејќи овие теми некако се наоѓаат на маргините. Редакциите треба да стаават повеќе фокус на овие теми, зашто треба да знаеме повеќе за животот на овие наши сограѓани,  за реалноста со која се соочуваат, но и за добрите работи кои ги прават. Овие теми ќе го збогатат медиумскиот плурализам“, смета Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми.

По премиерата во МОБ, инклузивната претстава „Пепелашка“ беше изведена во Гевгелија, но и во Македонската филхармонија пред принцот Едвард. Оваа претстава беше одиграна и во Србија.

Лограње

X

Регистрација