– ММС
Вести Македонија

Пронајдени луксузни парчиња од керамика на локалитет во Неготино

Луксузни парчиња керамика кои датираат од пред нашата ера се пронајдени на неготинскиот локалитет „Градиште“. Овде во тек се годинашниве археолошки истражувања кои ги реализира стручен тим од археолози, професори и студенти од Археолошкиот музеј на Северна Македонија, Универзитетот од Гдањск од Полска, а партнер во овој меѓународен проект е општинската установа Музеј на град Неготино.

„Од досегашното истражување констатирано е дека “Градиште – Антигонеа” е рано античка населба која има хронологија, засега утврдена од 5-4 век п.н.е до 1-2 век од н.е., иако на самото Градиште се среќаваат и остатоци од доцната антика“ вели раководителот на проектот, виш кустос  д-р Робер Петковски од Археолошкиот музеј.

Тој појаснува дека од досегашните истражувања на овој локалитет се пронајдени голем број на археолошки наоди, претежно од керамика, метал и стакло. Оваа година истражувањата се одвиваат во северниот дел на локалитетот на акрополата во сектор D/5 и квадратите од 1-8, т.е. во сондите во кои се истражуваше во претходните две години.

Исто така досега се пронајдени 14 монети, глава од теракота, бронзена алка, керамички печат, метална пиксида, дел од столб, многу фрагменти керамика меѓу кои издвојуваме луксузни парчиња од tera sigillata, како и керамика со втиснати печати со флорална декорација и птичји мотиви, тегови.

Од досегашните пронајдоци на неколку печки и мелници може да се заклучи дека на овој простор постоела пекарска работилница.

Раководителот на проектот појаснува дека овие денови привршуваат археолошките истражувања на „Градиште“ по што ќе се работи на дефинирање на ситуациите, а квадратите ќе се подготвуваат за документирање.

Ангел Данов

Лограње

X

Регистрација