– ММС
Вести Македонија

Дендиас: Придаваме особено значење на целосна и доследна имплементација на Договорот од Преспа

Фото: BGNES

Грција ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан, доколку се исполнат поставените услови, а за Северна Македонија придаваме особено значење на целосна и доследна имплементација на Договорот од Преспа. Ова го изјави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас по средбата во Софија со неговата бугарска колешка Екатерина Захариев – jави дописничката на Медиумската информативна агенција од Атина.

„Како столб на стабилност и соработка на Балканот, Грција отсекогаш беше топол поддржувач на политиката за проширување на ЕУ. Ја охрабруваме и поддржуваме европската перспектива на земјите од Западен Балкан, под услов да бидат исполнети одредените соодветни критериуми и условеноста. Во овој контекст и во однос на Република Северна Македонија, придаваме особено значење на целосна и доследна имплементација на Договорот од Преспа“, рече Дендиас.

Според него, Бугарија и Грција се „блиски партнери и сојузници” и играат голема улога за стабилноста и развојот на регионот и вложуваат максимални напори за да придонесат во европската перспектива на соседите.

Билатералната и регионалната соработка, предизвиците со кои што се соочува ЕУ, енергетските прашања, инвестициите, како и четвртиот највисок совет на соработка меѓу двете земји што ќе се одржи во Грција, биле темите за кои разговарале Захариева и Дендиас.

Министерот за надворешни работи на Грција, ја известил неговата бугарска колешка и за „нелегалното однесување на Турција во поширокиот регион”. Никос Дендиас денеска е во еднодневна посета на Бугарија, а освен со Екатерина Захариева, имаше средби и со бугарскиот претседател, Румен Радев и бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Лограње

X

Регистрација