– ММС
Вести Македонија

Субвенциите за работодавачите од приватниот сектор се дискриминација за јавната администрација – реагира КСС

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија реагира на владиниот Предлог-Закон за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на  плата. Во денешната реакција, синдикалците потсетуваат на нивното барање за усогласување на платите во јавниот сектор согласно покачувањето на минималната плата, а тоа е 25%.

Ние не го измисливме процентот  за кој бараме покачување на платите, напротив тоа е законска должност на работодавачот, во овој случај нашата Влада која упорно ги крши одредбите од  Законот за минимална плата кој вели дека треба во рок од шест месеци да се усогласат платите – вели Конфедерацијата, која не може да го прифати фактот дека буџетските средства кои се строго наменски за функционирање на државните институции и финансирање на капитални државни проекти  ќе се користат за да се стимулира приватниот сектор.

Особено за нас е неприфатливо и несфатливо, со ребалансот на Буџетот, огромна сума на средства од Министерството за образование и наука да се префрлат во други ресори, а само пред неколку денови просветните работници штрајкуваа за зголемување на платите.  Апсурдна е ситуацијата каде пари во МОН има очигледно и вишок, но за зголемување на платите пари нема. Вработените  во јавниот сектор се чувствуваат измамени и дискриминирани – посочуваат од Конфедерацијата.

Оттаму сметаат дека вработените во јавниот сектор се дискриминирани, бидејќи како што велат, со нивни средства се финансира приватниот сектор.

КСС  бара Владата и пратениците во Собранието, да не дозволат да се спроведе овој закон, за кој смета дека е неуставен.

Вработените во јавниот сектор предупредуваат дека трпението им е при крај и апелираат дека  доколку не се прифатат нивните барања, наскоро ќе спроведат радикален работнички отпор.

Лограње

X

Регистрација