– ММС
Вести Македонија

Истражување: Нестручни лица на чело на јавните претпријатија, нивното вработување се договара во партиските кругови

Несоодветни лица ги раководат јавните претпријатија чии годишни приходи изнесуваат 800 милиони евра. Филолози, педагози, психолози и стоматолози се само дел од кадрите кои се на раководни позиции наместо стручњаци, па оттука се создава простор за политичко влијание. Ова е заклучокот од најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.

Управните и надзорните одбори на претпријатијата имаат големи надлежности, но законската регулатива не предвидува процедура за селекција на нивните членови, па кога тие се бираат не се објавува оглас. Истражувањето е спроведено со триесетте најголеми претпријатија во државна сопственост, и според истото, Владата и единиците на локалната самоуправа немаат официјален документ што го регулира процесот на селекција на членовите, односно при решенијата за нивниот избор, Владата не се води според Законот за јавни претпријатија.

Во голем дел од претпријатијата ги нема биографиите на членовите во одборите. Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, во изјава за Канал 77 вели дека со самото тоа што диектно се добиваат листите, се доведува под прашање професионалното извршување на обврските.

„Од обемното истражување кое беше спроведено со триесетте најголемипретпријатија во државна сопственост, констатиравме дека Владата и единиците на локалната самоуправа немаат официјален документ што го регулира процесот на селекција на членовите на раководните органи на претпријатијата што ги основаат.  Тие како основачи не објавуваат  огласи за избор на членови во раководните органи, не вршат проверка на нивната квалификуваност, ниту пак ги интервјуираат потенцијалните кандидати. Оттука, не може да се утврди врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги изберат токму тие лица за членови на одборите. Ова истражување покажува дека многу полесно е да се стане член на  надзорен или управен одбор на претпријатие кое управува со десетици милиони евра, отколку да се стекне звање помлад референт. Тоа е нелогично, бидејќи одговорностите и интегеренциите кои би ги имал еден помлад референт и последиците од неговото непрофесионално работење може да бидат минимални,  за разлика од последиците од непрофесионалното работење на член на надзорен или управен одбор, бидејќи тие имаат големи ингеренции и се должни да го следат финансиското работење. Мораме со голема грижа да водиме сметка кој ќе членува таму“, потенцира Факиќ.

Центарот за граѓански комуникации во истражувањето дава и препораки за да се зголеми транспарентноста на процесот на селекција на членови во управните и надзорните одбори во државните претпријатија, но и во акционерските друштва во државна сопственост.

„Со оглед на нетранспарентноста на процесот, оправдан е сомнежот дека списоците за именување на членовите на управните и надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат во партиските кругови. Како членови се јавуваат многу политички кадри. Имајќи ги предвид сите овие слабости, препорачуваме да се донесе подзаконски акт во кој попрецизно ќе се опише процесот на селекција на членовите на раководните органи на државните претпријатија и тој би требало да се однесува и на претпријатијата основани од општината, како и на акционерските друштва во државна сопственост“, додава Факиќ.

Невладиниот сектор препорачува и дополнување на Законот за јавни претпријатија и Законот за трговски друштва, како и попрецизно дефинирање на квалификациите на членовите на управните и на надзорните одбори, кај двостепениот систем на управување, и на одборите на директори, кај едностепениот систем на управување. Во однос на управните одбори, потребно е допрецизирање на термините „афирмиран“ и „познат“ стручњак во областа на предметот на работењето на јавното претпријатие – се посочува во истражувањето.

Според податоците објавени во него, висината на надоместокот за членовите на одборите се движи од 800 денари по одржана седница, колку што се плаќа во Комуналец – Прилеп, до 27.000 денари месечно, за претседателот на Надзорниот одбор на Македонската радио-телевизија. Гледано на годишно ниво, најголеми вкупни трошоци за членовите на одборите има Водовод и канализација-Скопје, и тоа 2,2 милиони денари, односно околу 36 илјади евра.

 

 

Лограње

X

Регистрација