ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/30/19 11:48 AM

Наставниците в недела ќе одлучат дали ќе штрајкуваат: Додека родителите и децата се во неизвесност, КСС со поддршка за штрајкот

Иако неизвесен, протестот на СОНК денеска доби поддршка од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, од каде ги повикаа родителите да се солидализираат и да ги поддржат наставниците, за статусот, кој како што велат оттаму, го заслужуваат.

Просветните работници заслужуваат повеќе, заслужуваат почит и треба да бидеме свесни дека тие се ‘рбетот на едно општество, а тој во моментов е загрижувачки искривен – велат од КСС.

Без заслужената плата, без мотивиран професор не можеме да очекуваме резултати во иднина, не можеме да очекуваме здрави генерации кои треба да ја водат нашата држава – сметаат од Конфедерацијата, додека членовите на СОНК се уште се двоумат во врска со штрајкот планиран да се одржи в понеделник.

Синдикатот за образование, наука и култура денеска соопшти дека в недела ќе одлучи дали ќе има предупредувачки штрајк. Ако се потврди нивната одлука тогаш родителите ќе треба да прашаат во училиштето дали детето ќе оди на настава на 2 септември.

Наставниците се незадоволни од најавеното зголемување на платите од 5 отсто. Тие и’  дадоа рок на Владата до 1 септември за преговори и за реално зголемување на платите на сите вработени во образовната дејност.

Неизвесноста ги изреволтира родителите, кои повторно ги користат социјалните мрежи за да реагираат. Според нивните објави, незадоволството доаѓа оттаму што воопшто не знаат дали децата ќе треба да ја почнат навреме новата учебна година, односно дали ако седнат на втори септември во училишните клупи, а нема настава, ќе треба да ги одработуваат саботите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1