Во јуни годинава рударството бележи пораст од 5,2%, споредено со истиот месец минатата година. Овој важен стопански сектор и придружните сектори кои го опслужуваат бројат над 10.000 вработени, а во вкупното индустриско производство секторот Рударство и вадењето на камен учествува со 8,3% – порача денеска министерот за екномија, Крешник Бектеши, при посетата на рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица.
Според него, натамошниот развој во овој сектор е единствено можен со континуирани вложувања во модернизација со што ќе се обезбеди заштита на животната средина и ќе го поттикне локалниот економски развој.
Во посета на рудникот САСА заедно со Бектеши беше и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска која се осврна на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои рударите од почетокот на оваа година добија намалување на старосната граница за пензионирање:
„Наместо на 58 години возраст, со законските измени тие во старосна пензија заминуваат на 50 години, односно со 40 години стаж за мажи и 35 години стаж за жени. Од почетокот на годината до сега по новиот закон во пензија заминаа 51 рудар од кои 43 се од САСА”.