ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/28/19 10:23 AM

Празнување на Успение на Пресвета Богородица во Лешочкиот манастир

По повод празникот Успение на Пресвета Богородица изутрината централното одбележување се одржа во Лешочкиот манастир каде митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи архиерејска литургија.

Тој во проповедта истакна дека светицата подеднакво се грижи за сите верници и затоа тие треба да и дадат заслужена почит со постење на Богородичниот пост и присуство на литургиите.

– Богородица, која освен што е мајка на Бога е и наша Мајка, бидејќи подеднакво се грижи и за сите нас. Таа нејзина грижа и благодат се чувствува и во овој манастир. Но, мили мои, да се запрашаме дали ние Неа не ја напуштаме, дали и ја оддаваме заслужената почит, дали го постевме Богородичниот пост, дали присуствуваме на литургиите, дали редовно се молиме, исповедаме и причестуваме, да се запрашаме, но никако да не очајуваме доколку не сме го практикувале тоа во својот живот, бидејќи доколку редовно не ги практикуваме овие духовни работи – никогаш не е доцна да го направиме тоа. Еве, овој радосен празник е вистинска можност за нов почеток во кој треба да се потрудиме никогаш да не ја напуштиме Богородица, туку постојано да и приоѓаме за застапништво, бидејќи Таа е наша поткрепа во духовниот живот и единствено сè разбира, рече владиката.

Изрази надеж дека ќе се обнови манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица”.

– Во Лешок се чувствува и се живее под закрилата и благословот на Богомајката. Се надеваме дека со нејзин благослов набрзо ќе се случи и обновата и реконструкцијата на овој важен духовен центар во оваа епархија, рече г. Јосиф.

Лешочкиот манастир најмасовно е посететен за овој празник од страна на верниците. Празникот со црковно-народни собири се одбележува и во црквите „Света Богородица” во Тетово, Џепчиште, Брезно и месноста Ќелија во Теарце.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1