ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/27/19 3:33 PM

Анализа: Ниски плати, мобинг и недоверба кон инспекторатот – услови во кои работат текстилните работници

Текстилните работници сѐ уште се со нарушени работнички права. Работат во просечни услови за заштита на здравјето, платите се ниски, има мобинг и немаат многу доверба во инспекторатот и во синдикалното дејствување. Сѐ уште се плашат отворено да говорат за проблемите. Ова се дел од заклучоците од истражувањето на прилепската невладина организација „Достоинствен работник“. Истражувањето е спроведено од април до јуни годинава во шест од дваесетината прилепски текстилни компании. Во рамките на истото, опфатени се 196 работници, најмногу жени во текстилните фирми.

Според Нежлан Исмаилоска од невладината „Достоинствен работник“,  платите се се’ уште ниски, условите за работа просечни, а има и мобинг:

„Во однос на платата, работниците не се задоволни и висината на платата е на незадоволително ниво. Платите се движат од минималната, со закон, загарантирана плата, па до 20.000 денари. Ако е над минималната вклучени се: работењето во викенд, прекувременото и работењето во празник. Работодавците, во глобала, го исплаќаат само минималниот износ на платата. Запазени се роковите за навремено добивање плата како и уплаќањето на придонесите. Работниците добиваат годишен одмор, но секогаш има отпор од работодавците за термините, зашто велат, секогаш имало работа. Во истражуваните фирми безбедноста и здравјето на работата е на просечно ниво“, појаснува Исмаилоска.

Најголемо незадоволство, покрај ниската плата, работниците искажаат во однос на нормите, а ниска е довербата во трудовиот инспекторат.

„Работниците велат дека нормите се превисоки и не може да ги исполнат. Брзото темпо на работа води кон замор, исцрпеност, монотоност. Постојат дискриминација и мобинг. Работниците не веруваат во синдикалните здруженија и за нив не се познати синдикатите дека постојат. Имаат страв да го контактираат трудовиот инспекторат. Се откри и случај кога на работник му беше прекршено работничкото право. Следуваше контакт со трудовиот инспекторат. И покрај тоа што работникот постапил согласно законските прописи, не добил ниту извештај од Државниот трудов инспекторат, ниту одговор од компанијата за неговиот работен статус. Иако е јасно дека работничките права му се прекршени, неговиот случај стагнира и е без резултати“, објаснува Исмаилоска.

Според претседателот на невладината „Достоинсвен работник“, Рубинчо Аризанкоски се истражувало дали работодавачите ги унапредуваат позициите на работниците и дали ги овозможуваат условите за работа, како подобрување и унапредувањето на нивните права или дали се прекршуваат.

„Битно е да се воспостави механизам за информации и превенција против трудовата експлоатација. Од една страна, работодавците се жалаат дека нема доволно работници, а од друга страна, пак, не ја зголемуваат минималната плата, а мора и да ги унапредат правата на работниците“, рече Аризанкоски.

„Трудовата инспекција доволно не си ја врши работата во контролата на работењето на текстилните компании кога се во прашање работничките права. Неропходни се формирањето и функционирањето на општинските економско-социјални совети. Се појавува проблемот на комуникацијата на рбаотниците со државниот трудов инспекторат кој не ја врши доволно својата работа, односно контролата на работењето на текстилните компании во земјава. Формирањето и функционирањето на економско-социјалните совети се во полза на работниците, зашто се вклучени синдикалните здруженија, но и на работодавците зашто според прописите на Еу се исполнуваат основните параметри заљ заштита на работничките права и на  зајакнувањето на компаниите за пласман на европските пазари“, додава тој.

Во Прилеп има преку 2.000 текстилни работници, а во земјава се, според невладината „Достоинствен работник“ и преку 25.000 вработени.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1