ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/27/19 2:14 PM

Ден по пожарот кај Велес: Опозицијата бара оставка од Заев, власта вели трагедијата се користи за политички поени

Партиите во своите меѓусебни препукувања денеска  не ги изоставија пламените јазици со кои вчера во близина на Велес повеќе од десет часа се бореа противпожарни екипи од повеќе градови.

Ден по опостушувањето на околината кај Езерото Младост, опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара премиерот Заев и сите министри во неговата влада да си поднесат оставки. Членот на Извршниот комитет на партијата, Владимир Ѓорчев реагира дека авионите и хеликоптерите кои биле вклучени во процесот на гаснење на пожарот пристигнале со доцнење од пет часа.

„Имаше катастрофално доцнење од цели 5 часа и интервенцијата на авионите и хеликоптерите, пожарот почна во 11 претпладне, а хеликоптерите и авионите дојдоа дури во четири часот попадне. Огромна благодарност до пожарникарите, до војниците, до доброволците, до сите кои што се вклучија во гасењето. Но факт е дека за вакво фијаско и за ваков дебакл, за горење на шума која што растела 50 години наназад мора да има одговорност“, изјави Ѓорчев на прес конференција.

Од владеачката партија, ваквите тврдења ги отфрлија како дезинформации.

Лага е дека 5 часа се чекало и не се интервенирало. Како што е и јавно познато сите расположливи капацитети биле активирани уште од првите моменти на избивањето на пожарот. Дополнително, се вклучија противпожарни едици од Скопје и од околните градови на Велес, како и припадници на Армијата, со цел навремено локализирање на пожарот и спречување на поголеми штети – велат од СДСМ, од каде сметаат дека трагедија со пожарот, опозицијата ја користи за политички поени.

Во пожарот изгоре површина од 400 хектари од кои половината со борова шума и 200 хектари под сува трева.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1