ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/27/19 8:31 AM

Вечерва премиера на „Жени“ – претстава во која играат жени болни од рак

Денес со почеток во 20.00 часот премиерно ќе биде прикажана документарната театарска претстава „Жени“, која е изработена по текстови на жени болни од рак. Премиерата е веќе распродадена, додека втората изведба е на 30-ти август, петок во 20.00 часот, а третата во 1-ви септември, недела во 20.00 часот.

Во Хотел Театар, Битола веќе петта година по ред функционира Здружението за поддршка на жени болни од рак – ОДРАЗ, во чиишто рамки до денес учествувале над педесетина жени болни од рак, коишто ја преживеале болеста или се’ уште се борат со неа. Во 2017та година, во Интимен Театар, Битола, по идеја на режисерката Софија Ристевска Петрушева, започна иницијатива за создавање на театарска претстава, во којашто ќе учествуваат, ќе глумат жени од групата, зборувајќи за болеста и за нивната битка со неа. Ова лето конечно се реализира конкретниот проект – театарска претстава, којашто е создадена по документарни текстови од самите жени.

Во претставата учествуваат Невена Стерјевска, Катерина Петровска и Трендафилка Киклевска кои ја споделуваат својата борба со ракот на дојка и ракот на матка, како и Зорица Цибалевска, којашто минатата година ја изгуби својата мајка Летка Андреевска, којашто беше голем поборник за создавање на уметност, како начин за борба против депресијата кај болните од рак. Основна цел е со овој проект да се подигне свеста за редовни прегледи, што би довело до брзо дијагностицирање на ракот, со што би се намалила огромната бројка на заболени од рак, посебно во Пелагонискиот регион.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1