ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/26/19 7:30 AM

Независните академски синдикалци бараат прогресивно зголемување на платите

Членовите на Независниот академски синдикат се незадоволни од петпроцентното зголемување на платите во високото образование. Тие бараат прогресивно зголемување на платите, односно во првата етапа интервентно зголемување на платите според методологијата за прогресивно покачување на платите, до максимален износ од 30 проценти за вработените во оние институции кои воопшто немаат или немаат доволно сопствени средства.

Од Синдикатот се огласија преку писмено соопштение во кое наведуваат дека платите во високото образование за разлика од другите сегменти на образованието, не се зголемени повеќе од десет години.

– Недозволиво е буџетското издвојување за плата на највисокото звање – редовен професор, да биде 1,3 просечни плати и да изнесува 34.438,оо денари, платата на младите соработници (кои по правило се најдобрите дипломирани студенти) да изнесува само 80 проценти од просечната плата, а дел од вработените да не го примаат ниту законски загарантираниот надоместок за минат труд, реагираат синдикалците. Според нив, ваквата состојба довела до енормен одлив на младиот кадар од универзитетите и огромно назадоволство кај наставниот и научниот кадар.

Прогресивното зголемување на платите што го предлагаат, според Синдикатот, ќе резултира со постепено постигнување ниво на плати соодветни на дејноста на сите вработени во високото образование и науката и нивелирање на разликите во платите. Ваквото зголемување на платите, велат од Синдикатот, може да се постигне без прекумерно оптоварување на буџетот на Министерството за образование и наука.

Синдикатот бара во првата етапа под итно да се отвори и конкурс за примање млади соработници на јавните универзитети и научни установи, како и мерки за финансирање и подобрување во научно-истражувачката дејност.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1