Досегашниот министер за надворешни работи на Белгија, Дидие Рејндерс, синоќа беше назначен за европски комесар од оваа земја. Според процедурата, комесарите треба прво да бидат сослушани и потврдени од страна на европратениците.
По неколку недели остри препукувања, техничката влада во Белгија конечно се одлучи да го предложи Рејндерс за еврокомесар во следниот состав на Европската Комисија – пренесува Медиумската информативна агенција.
Рејндерс доаѓа од истата политичка партија (Реформаторско движење, либерали) како и идниот претседател на Европскиот Совет, Шарл Мишел, досегашен премиер на Белгија.
Рокот за пријавување на кандидати за еврокомесари од секоја земја членка е 26 август. Само Франција и Италија сѐ уште не поднеле свои предлози.