ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/23/19 1:41 PM

Макрон на средба со граѓанскиот сектор пред Г7, неколку организации сепак го бојкотираат

Францускиот претседател, Емануел Макрон денеска ќе има средби со претставници на граѓанското општество, во пресрет на отворањето на Г7. Неколку невладини организации решија да го бојкотираат, жалејќи се што се оставени „настрана” од самитот – јавува дописникот на Медиумската информативна агенција.

Елисејската палата пак,  изјави дека „навистина жали” што триесет невладини организации, собрани во рамките на Мрежата за климатски активности (РАЦ), одбија да одат на самитот што се отвора во сабота во Бијариц. Оттаму е соопштено дека прес-центарот, каде што ќе работат новинарите, ќе биде отворен повеќе за невладините организации, како што тие бараа.

РАЦ, во која се здружени 32 национални и локални здруженија, меѓу кои Гринпис, ЛПО, Оксфам Франс и Секур Католик, ја осуди одлуката на Елисејската палата за „ограничување на бројот на акредитациите за НВО и нивното ставање настрана од самитот”.

–Владата ни додели квота од 25 акредитации за невладини организации, наспроти речиси стотина во претходните години – велат од невладините организации кои жалат за „напад врз слободата на изразување на граѓанското општество”.

Елисејската палата, исто така, ја истакнува организацијата на ден на „дијалог” што се одржува денес од 10 до 18 часот, во Елисејската палата, за време на кој ќе се разговара за родовата еднаквост, борбата против нееднаквостите или заштитата на климата, кои се главните теми што ги изнесе Франција за Г7.

Емануел Макрон ќе учествува за да ги „собере препораките” на овие асоцијативни актери и „да го конкретира започнувањето на голем број иницијативи”, се вели од Елисејската палата.

Денот почна со средба со претставниците на Советодавниот совет на Г7 за еднаквост меѓу жените и мажите, со кој претседаваат двајцата добитници на Нобеловата награда за мир, Надја Мурад од ирачкото малцинство Јазиди и Денис Муквеге, гинеколог од Демократска Република Конго.

Невладините организации во меѓувреме обвинуваат дека самитот е „бункеризиран”, при што повикуваат на протести во текот на утрешниот ден.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1