ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/22/19 2:19 PM

„Рекет“ е закана за институционалниот капацитет, да излеземе од партиските матрици – порача Османи

Додека ЕУ констинуирано укажува на потребата од реформи во правосудството, случајот Рекет ги става на тест македонските институции. Шефицата на Специјалното јавно обвинителство кое беше формирано за засилена борба против криминалот и корупцијата е веќе третоосомничена во овој предмет, за кој денеска се огласи и вицепремиерот, Бујар Османи.

Владеењето на правото е темелна европска вредност и тоа треба да го сфатиме како сериозно предупредување од сите земји каде што одиме – порача денеска вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи. Според него, случајот Рекет е закана за институционалниот капацитет на земјава, која е во исчекување на потврдата за отпочнување на преговорите за членство. Тој апелираше на зрелост и компромис кај сите политичари кои како што вели, треба да се издигнат над партиските матрици, а упати порака и до помалите партии од албанскиот блок.

„Случајот Рекет е премногу значаен настан за било кој општествен фактор да го игнорира, но евтина злоупотреба на овој случај во дневно политички цели е израз на незрелост, на неодговорност и директно ја загрозува нашата позиција како земја кај меѓународните партнери“ , изјави Османи, кој не одговори конкретно на новинарското прашање дали во ДУИ разговарале за името на наследникот на обвинителката Катица Јанева, односно дали разговарале на оваа тема со коалицискиот партнер СДСМ.

„Нема да се впуштам во правно толкување на одредбите од законот, но сметам дека во услови на таква сензитивна кризна ситуација, најдобар лек е компромисот помеѓу чинителите во општеството. Во вакви услови на недоверба, унилатераланите решенија може да бидат вовед во влошување на ситуацијата. Во моментот најдобро решение е Советот на јавни обвинители и Собранието да смогнат сили согласно законските одредби, но уште поважно е преку новиот Закон да најдеме решение за СЈО“.

Додека шефицата на СЈО е во притвор како третоосомничена во предметот познат како Рекет, судбината на ова Обвинителство е неизвезна и зависи од измените на Законот за јавно обвинителство. За нив, власта и опозицијата преговараа на неколку средби, од кои последната се одржа минатиот месец. Измените на овој закон следната недела ќе се најдат и пред пратениците, а за бидат усвоени потребни се осумдесет гласови за.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1