ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/22/19 10:41 AM

Викендов Макрон ќе биде домаќин на Г7: За безбедноста ќе се грижат над 13 000 полицајци

Францускиот претседател, Емануел Макрон викендов ќе биде домаќин на Самитот Г7. Американскиот претседател, Доналд Трамп и другите челници од Г7 ќе се сретнат в сабота и ќе минат три дена во Бијариц, град во југозападниот дел на Франција. Оваа година, средбата на Г7, група во која се седумте најголеми индустриски земји во светот, би можела да мине без усвојување заедничка изјава и ритуалот на договарање компромисна формулација. Според западните медиуми, причината е едноставна – не може да има кавга за документ кој не постои.

Претходниот Самит на Г7 заврши со шокирачки твит на Трамп, кој од претседателскиот авион ги извести светските челници дека го повлекува својот потпис од завршната декларација. Потоа, неговиот главен советник за економија Питер Наваро мораше да се извинува поради тоа што за канадскиот премиер Џастин Трудо, домаќин на Самитот, рече дека постои „посебно место во пеколот“ бидејќи се обидел да му забие нож в грб на американскиот претседател.

Главна тема на лидерите на Франција, САД, Велика Британија, Канада, Германија, Италија и Јапонија овој пат ќе биде дигиталниот данок, како и еволуирачката улога на дигиталните и криптовалутите како што е либра, која Фејсбук планира да ја пушти во оптек следната година.

Во вторникот Трамп побара приклучување на Русија во Г7, откако таа беше исфрлена во 2014 година поради анексијата на Крим. Макрон оцени дека повторниот прием на Русија во групата Г7 без решавање на прашањето за украинската криза ќе биде грешка. Тој додаде дека тоа исто така ќе укаже и на слабоста на западните сили. Макрон смета дека таквиот потег ќе претставува стратешка грешка што ќе ја потврди ерата на неказнивост.

Од друга страна, по повикот на Трамп, реагираше и официјална Москва.

„Русија мора да ги разгледа конкретните предлози за враќање во Групата7, доколку има такви“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова. Во меѓувреме, неименуван француски дипломат изјави дека враќањето на Русија во Г-7 зависи од нејзиниот напредок во политичкиот процес со Украина.

Градот Бијариц од оваа сабота ќе биде во фокусот на светското внимание, како домаќин на самитот на Г-7. За таа цел за безбедноста во градот под Пиринеите на атлантскиот брег се ангажирани повеќе од 13.000 припадници на безбедносните сили. Бијариц ќе биде најбезбедниот град во Франција од 24 до 26 август. На улиците на приморското одморалиште, специјалните полициски сили веќе се присутни од пред неколку дена. За обезбедување на Г7, ќе бидат распоредени 13.200 полицајци, но исто така и припадници на армијата, како и припадници на шпанските безбедносни сили.

На самитот се очекуваат 10.000 членови на делегации и акредитирани новинари. Сите 52 хотела во градот беа резервирани за Г7 уште пред една година.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1