– ММС
Вести Македонија

Реакција на Амбасадата во Бразилија за фејсбук објавата на момчето дека Грција е задолжена за македонските пасоши

Во врска со белешка на Интернет, објавена од Никола Божиновски, Амбасадата во Бразилија информира дека се обидуваме да стапиме во контакт со Никола, со цел да се расчистат сите недоумици околу неговиот престој во Колумбија .

Воедно, посочуваме дека:

1. Од 2018 година постои безвизен режим помеѓу нашите две земји. Досега бројни граѓани го искористија ова право, посебно бекпери-апсолвенти кои што патуваат ширум Јужна Америка, бројните македонски млади професионалци од дијаспората кои што работат за глобалните финансиски и други професионални корпорации, како и туристите кои што главно ја посетуваат Картахена и карипскиот брег на Колумбија;

2. Досега Амбасадата во Бразилија не добила никаква информација за задржување на наши граѓани при влезот во Колумбија, ниту, пак, за проблеми при регистрацијата во хотелите, пансионите или на Airbnb, но стоиме на располагање да ја расчистиме состојбата со пријавата на Никола Божиновски во системот на имиграција на Колумбија.

3. Колумбиските органи и колумбиската амбасада во Бразилија имаат извонреден однос со нашата амбасада во Бразилија за сите прашања поврзани со престојот, работата и другите граѓански и конзуларни потреби на нашите граѓани во Колумбија. Амбасадата редовно издава и патни листови кои што се признаени од колумбиските власти и им овозможува непречен излез на нашите граѓани од колумбиската територија

4. Минатата година беа одржани политички консултации помеѓу двете МНР на ниво на регионални директори, а веќе се планира и нова рунда на политички консултации, со бројни договори од сферата на економската соработка, безбеноста, како и во други сфери од заемен интерес. Посебно внимание посветуваме токму на олеснувањето на граѓанските услуги за државјаните на двете земји

Амбасадата ја користи оваа прилика и повторно да информира дека дежурен мобилен број за сите наши граѓани во Јужна Америка е + 55 61 98276 1850 (македонски, португалски, шпански и англиски) – бројот на амбасадорот Ивица Боцевски.

p.s. Ја користиме оваа прилика повторно да информираме дека земјите од Јужна Америка започнаа ригорозно да ја спроведуваат мерката за потребата од валиден пасош, со рок на траење подолг од шест месеци при влезот во земјата. Досега се толерираше итна интервенција на Амбасадата од Бразилија, но, за жал, веќе ја немаме таа можност на неколку дестинации, меѓу кои и често посетуваниот Перу.

p.p.s. Имаме одлична можност до крајот на годината да постигнеме визна либерализација и со Уругвај и со Парагвај, со што ќе се заокружи слободното патување за нашите граѓани ширум Јужна Америка (исклучок се Боливија и Еквадор кои што не се на белата Шенген листа).

Ваквата реакција од Амбасадата на Бразлија е откако погоре споменатиот Никола Божиновски објави статус на социјалната мрежа Фејсбук дека не бил во можност да биде регистриран од земјата од која доаѓа, во продолжение може да го прочитате статусот кој воедно Божиновски го избришал.

“Дечки моментално сум во Колумбија и само да ве информирам дека овде Македонија веќе не постои како држава. Во хотелот кога пробаа да ме регистрираат на официјалниот сајт на миграционо не можеа да ја најдат Македонија под ниту едно име од сите што ги имаме, од миграционо ги исконтатирале во министерството за надворешни овде и им рекле дека од сега Грција е задолжена за Македонски пасоши и мора да ме регистрираат како грк и дека Македонија не постои повеќе во системот. За ова ме известија откако ме регистрирале, не беше возможно да се смени ниту имав време да исконтактирам наша амбасада. Никогаш во животот не сум се чувствувал вака посрамен и понижен”, пишива Никола на неговиот Фејсбук профил.

Лограње

X

Регистрација