– ММС
Вести Култура

Новини во програмата на Струшките вечери на поезијата: Објавен е и повик за волонтери за логистичка поддршка

Објавена е Програмата на претстојното издание на Струшките вечери на поезијата коешто ќе се одржи од 21 до 26 август.

Програмата ја задржува структурата и содржините по коишто се препознатливи Струшките вечери на поезијата, но внесува и новини . Една од нив  е поетската порака што ќе биде прочитана за време на церемонијалниот дел на свеченото отворање од страна на истакнат македонски поет/поетеса. Оваа година, автор на поетската порака е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.

Главните фестивалски читања ќе вклучуваат употреба на повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, ќе користиме и албански и француски јазик.  Во рамки на Програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.

За да се зголеми удобноста на нивниот престој и да се подигне организациското ниво на фестивалот, оваа година, Струшките вечери на поезијата објави повик за волонтери што ќе сакаат да се вклучат во логистичката поддршка на фестивалот. Повикот е завршен и во тек е селекција на најсоодветните кандидати. Со нивно вклучување сакаме да го подигнеме интересот за Фестивалот кај помладата публика, но и да понудиме можност за нивно дружење и комуникација со некои од најзначајните поетски имиња – велат организаторите.

За да се зголеми видливоста и отвореноста на фестивалот, освен директниот пренос на  главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и live streaming на официјален Youtube канал со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот ширум светот, но и ќе се поттикне интересот на публиката за директна посета на фестивалските настани.

Што се однесува до овогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, жири комисијата, согласно постоечкиот Правилник од пристигнатите наслови го направи изборот од пет книги и автори што ќе бидат претставени на Фестивалот и од кои ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ на прес-конференција во рамки на Програмата на Фестивалот.

 

Лограње

X

Регистрација