– ММС
Вести Свет

Банка во Данска стана прва во светот со негативна каматна стапка на кредити

Банка во Данска за прв пат во светот понуди негативна каматна стапка на хипотекарни кредити, давајќи заеми на сопственици на недвижнини со каматна стапка од – 0,5% годишно.

Негативните каматни стапки практично значат дека банката ќе им плаќа на клиентите за да ги користат нивните средства, па така тие на крајот ќе платат назад помалку отколку што позајмиле.

Се работи за Јиске Банк, третата најголема банка во Данска која понуди негативни каматни стапки на кредити на десет години, додека банката Нордеа планира да понуди 20-годишен хипотекарен кредит со 0% каматна стапка.

Со негативната каматна стапка, клиентите на Јиске Банк ќе отплаќаат месечни рати, но секој месец сумата ќе се намалува за поголем износ.

„Не ви ги даваме парите директно во рака, туку секој месец вашиот долг се намалува повеќе од сумата која ја плаќате“, вели одговорниот економист во Јиске Банк, Микел Хег.

Показател за тоа колку чудни се новите кредити кои ги нуди банката на своите клиенти е страницата за прашања на нивниот веб-сајт. Таму има реченици од типот на „Дали е ова возможно?“, или „Да, добро прочитавте“.

Ваквите хипотекарни кредити станале возможни бидејќи Данска, како и Шведска и Швајцарија, го користат големиот пад во каматните стапки на финансиските пазари.

Според Хег, Јиске Банк на финансиските пазари успева да позајми од институциите по негативни каматни стапки и тоа едноставно го проследува на своите клиенти.

Негативната страна на оваа ситуација е што оние кои штедат во банките немаат никаква финансиска корист од тоа бидејќи нивните депозити исто така одат во негативни каматни стапки.

Преземено: www.radiomof.mk

Лограње

X

Регистрација