ММС

Независните полициски синдикалци се жалат на зачестени напади врз полицијата: Само вчера нападнати двајца полицајци

Бројни се нападите врз полициските службеници, кои немаат друг избор, освен да постапуваат според законските овластувања во дадената ситуација. На ова денеска се пожалија од Независниот синдикат на полицијата, чии членови изминатата вечер биле нападнати во Лисиче.

Претседателот на Синдикатот, Гоце Делчев Тодев објаснува дека се работи за двајца полициски службеници нападнати додека биле на службена задача:

„Ноќва во Лисиче имаме напад на униформирани полициски службеници додека биле на извршување на задачите, а нападнати се при легитимирање на малолетници и еден полнолетен граѓанин. Едниот од нив се здобил со тешки повреди на главата, а на другиот му е искинат прстот. Секој ден имаме тепање од хулигани или криминалци на полициските службеници“.

Од Министерството за внатрешни работи во денешниот билтен информираат дека за овој случај веќе е приведен деветнаесетгодишен скопјанец против кој ќе биде поднесена соодветна пријава по целосното документирање на случајот.

Во друг, одделен случај пак, тројца полициски службеници завчера исто така во Скопје, се здобиле со телесни повреди, за што Обвинителството денеска информираше дека е поведена постапка против дваесет и деветгодишен маж, кој се товари дека го сторил нападот.

Имено, осомничениот заедно со уште едно женско лице украле возило, а во полициската акција за одземање на возилото учествувале тројца службеници. Осомничениот, прво со украденото возило удрил во полициското, а потоа и ги нападнал полицајците, кои сепак успеале да го приведат.

По барање на јавен обвинител, на скопјанецот му е одреден триесетдневен притвор.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.