– ММС
Вести Македонија

По разговорот со лажниот Порошенко премиерот Заев го менува телефонскиот број

Премиерот Заев го менува својот телефонски број по скандалот со лажниот Порошенко. Во писмено соопштение од Владата информираат дека премиерскиот кабинет презема мерки за зајакнување на ефикасноста и безбедноста во како што велат „ спроведувањето на транспарентната агенда составена од состаноци, настани и комуникации“.

Во тек е унапредување на протоколите и правилата за закажување состаноци и за спроведување на телефонски разговори во Кабинетот, со цел да се обезбеди високо ниво на проверки и заштити на комуникациите на претседателот на Владата.

Како дел од мерките за безбедност и внимателност во дигиталните и телефонските комуникации, во рамки на кабинетот на премиерот променети се дел од техничките уреди, вклучително и мобилните телефони и броевите на мобилните телефони на премиерот и на дел од неговите соработници.

Премиерот направи и анализа на професионалноста и ефикасноста на ангажманите на своите советници и соработници, врз основа на што на дел од ангажираните лица ќе им се заблагодари за досегашната соработка.

Согласно најавата за одлучно спротивставување и справување со дезинформации и со напади врз демократијата во земјата, Кабинетот на премиерот подготвува План за одлучна акција против ширење дезинформации чија прва верзија наскоро ќе биде претставена на јавноста, а потоа и консултирана со засегнатите чинители и со стратешките партнери на земјата.

Премиерот Заев и Кабинетот се посветени на унапредување на отворениот и транспарентен начин на работа, во согласност со безбедната употреба на новите технологии и со протоколите кои произлегуваат од современите начини на менаџмент и управување, се вели во владиното соопштение.

Лограње

X

Регистрација