– ММС
Вести Македонија

Историјата на една „Империја“

„Ако со Катица Јанева сме правеле злоупотреби со клиенти досега ќе направевме партал“, изјави Бојан Јовановски на 28 јуни 2019 г., гостувајќи во телевизијата за чиј сопственик се претставува. Дваесетина дена подоцна, со отворена истрага против него и оставка на Катица Јанева, оваа изјава добива сосема нова димензија.

„Империја“ е кодното име на последната истрага што ја отвори СЈО. Објавена е на 9 ноември 2018 година. Токму од ноември 2018 година почнува и описот на дејствијата за „трговија со влијание“ во предметот што денеска го обелодени Обвинителството за гонење на организиран криминал против Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски (Зоки Кичеец). Двајцата се под истрага зашто токму од тој месец и година почнале да бараат пари од осомничено лице, со цел обвинител, кој засега ОЈО не го именува, да прекине истрага или осомничениот да добие олеснителни околности.

Зошто „Империја“ е важна за „Рекет“

„360 Степени“ веќе објави, повикувајќи се на неофицијални но добро упатени извори, дека токму обидот за изнуда на осомничен во предметот „Империја“ е причината за апсењето и истрагата против Боки 13 и Кичеец. Она што остана непознато за јавноста е името на обвинителот што имал реална моќ „трговијата со влијание“ да ја преточи во јавнообвинителска одлука. И уште поважно, дали обвинителот што ОЈО засега не го именува, ја злоупотребил својата положба?

Одговорот на прашањето – кој е обвинителот чие име било користено за уцени, е полесно да се претпостави. „Империја“ е предмет за кој е надлежно само СЈО, а во СЈО има само еден што може самостојно да носи одлуки. Таа моќ, по закон, е сконцентрирана во Катица Јанева. Но и да не се следи логиката туку инстаграм или фејсбук профилот на осомничениот Бојан Јовановски, лесно видливо е дека Јовановски сакаше јавно да ја покажува блискоста со Јанева.

Фотографиите не се единственото што ги поврзува. Синот на Јанева е вработен во 1ТВ, медиумот за кој Јовановски вели дека е негова сопственост.

Одговорот на прашањето – дали обвинителот извршил службени дејствија во полза на уценуваниот осомничен е потешко да се отрие. Но, непобитен факт е дека случајот „Империја“ го следеа низа „случајности“.

Како „пленот“ стана „предатор“

Првата „посебност“ поврзана со „Империја“ беше уште на стартот. Кога СЈО ја објави истрага, за разлика од претходната пракса, не одржа и прес-конференција.

Наместо тоа јавноста доби соопштение:

По спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети кои се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои воспоставена е надлежност на ова Јавно обвинителство, денес е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело … Во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство.
Потсетуваме дека во наредниот период истрагата во случајот „Империја“ ќе биде проширена за повеќе лица и за повеќе кривични дела“,

соопшти СЈО на 9.11.2018 г.

Меѓу петтемина што завршија во притвор беа бизнисмените Јордан Камчев и Цветан Панделески (сопственик на „Пелистерка“) и екс директорот на УБК Сашо Мијалков.

Три дена подоцна беше објавено и дека:

„Судот донесе решенија за определување на привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица ДПТУ Орка холдинг АД Скопје и ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и ДПТУУ Тимох увоз извоз ДОО Скопје.

Потсетуваме дека во наредниот период истрагата во случајот „Империја“ ќе биде проширена за повеќе лица и за повеќе кривични дела“,

соопшти СЈО на 12.11.2018 г.

Истрагата, колку што е јавно познато, никогаш не беше проширена иако тоа беше најавувано во соопштенијата. Судот и СЈО потоа не ја прифатија и гаранцијата на Јордан Камчев вредна околу 14 милиони евра за да излезе од затворски во куќен притвор.

Но, само две недели подоцна, на крајот на декември, СЈО самоиницијативно се премисли и наместо дотогашниот затворски, побара куќен притвор за осомничените во овој предмет. По бурните реакции во јавноста, поради ненадејното излегување од притвор на Камчев, Мијалков, Панделески (27 декемрви 2018 г.), обвинителката Катица Јанева се појави на интервју на Канал 5 (29 декември 2018 г.) во обид да го оправда својот чекор. Образложението беше дека успешно се прибрани сите докази и потребни сведочења.

„Испитавме одредени лица и сведоци кои беа важни за потврдување на некои факти, врз основа на финансиските документи и сметаме дека во следниот период додека трае истрагата ќе се вршат само финансиски анализи … Така што присуството на осомничените во притворот не се потребни. Не можат веќе да влијаат самата истрага со влијание на некои сведоци или да го повторат делото“,

изјави специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во интервју за Канал 5 на 29.12.2018 г.

Но, наспроти овој став на Јанева од крајот на декември 2018 г. дека осомничените веќе не можат да влијаат на сведоци, во февруари 2019 г. СЈО излезе со сосема спротивна оценка. Не во соопштение туку во барањето за продолжување на мерката куќен притвор за Јордан Камчев од 6 февруари, случај што бизнисменот успеа да го однесе до Врховниот суд.

Според изворите на „360 Степени“, самоиницијативното барање на СЈО за замена на затворскиот со куќен притвор за Камчев, Мијалков, Панделевски и контекстот во кој се случило сето тоа, се една од централните точки на истрагата на ОЈО за гонење на организиран криминал.

Камчев излезе и од куќен притвор. Тој и други осомничени во „Империја“ беа првите што се офајдија од начелното правно мислење на Врховниот суд од крајот на јануари, според кое, СЈО не е овластен тужител во предметите за кои не е поднесено обвинение до 30 јуни 2017 година. А „Империја“ е токму таков предмет. Ставот на Врховен ја направи судбината на предметот крајно неизвесна, но СЈО никогаш не се обиде да ги тестира пониските судови и да поднесе обвинение. „Империја“, како и други истраги, останаа да чекаат нов закон за СЈО, кој треба да го реши и статусот на „новите“ истраги на СЈО.

Само еден месец подоцна, во март, случајот „Империја“ повторно стана актуелен во јавноста. „360 Степени“ објави дека се случила поплава во просториите на СЈО, во која бил зафатен доказен материјал и од „Империја“.

 

Повеќе на: 360степени

Лограње

X

Регистрација