– ММС
Вести Македонија

Засега нема договор за лидерска средба за СЈО, пописот и Изборниот законик

Засега нема договор за лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за трите теми – Специјалното јавно обвинителство, пописот и Изборниот законик, изјави денеска премиерот Зоран Заев. Нивните кабинети се во контакт и очекува дека во скоро време ќе биде договорена средба.

– Опозицијата или другите партиципиенти ако имаат и други теми јас сум на располагање да разговарам, но ова се пресериозни теми на кои час поскоро треба да седнеме и да разговараме, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по посетата на археолошкиот локалитет Стоби.

Во врска со тоа дали ќе се менува Изборниот законик за да има помалку изборни единици, бидејќи помалите политички партии го бараат тоа, Заев посочи дека нивниот став неколкупати е потврден, но прво Изборниот законик треба да се менува за да се вградат сите препораки на ОДИХР.

Швајцарската амбасада, посочи, обезбеди грант од 11 милиони евра, за десетгодишен период, но најмногу за создавање нов изборен законик.

– Треба да седнеме и да го реализираме тоа бидејќи и јас и Мицкоски, но и сите други, рековме после претседателските избори, знаејќи дека една ипол година нема избори до редовните избори, треба да седнеме растоварени да го решиме тоа прашање. Нашиот став како СДСМ е – за нас е прифатлива една изборна единица, отворените листи, се што ќе значи демократизација, се што ќе значи стручна експертиза за возможност во државата. Подготвени сме да го направиме чекорот. Верувам дека и другите политички партии ќе бидат подготвени да направиме еден исчекор кон демократизацијата во изборните процеси во Република Северна Македонија, додаде Заев.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека преговорите на работните групи за законот за Специјалното јавно обвинителство се заглавени и оти суштински разлики на работните групи се за членот 105.

-За законот за СЈО застанати се работите. Министерката за правда денеска даде информација дека е заглавена работата на членот 105. Лидерот на опозицијата на сите средби кажува дека Катица Јанева е проблем. Во дел од работите на работните групи има напредок, но на одредени детали на членот 105 сме заглавени. Верувам дека идната недела ќе мора нешто да помрднеме,  затоа што до крајот на овој месец треба да имаме одговор –  има решение или не на ова прашање. Бидејќи ако тој не е дел од извештајот на ЕУ за кој ќе се одлучува во октомври, тоа не значи дека нема некој да го искористи како контра аргумент во носењето на одлуката. Но, тоа за мене е секундарно, а примарно е носењето на законот за јавно обвинителство. Ние мора да го донесеме, тоа е дел од правосудството и е наша обврска пред граѓаните, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за врема на посета на локалитетот Стоби.

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека од ВМРО-ДПМНЕ не добиле никаков предлог закон за јавно обвинителство.

– Во текот на разговорите по текстот од Министерството имаше одреден напредок, но останаа суштински разлики за членот 105 кој се однесува на продолжувањето на постапките почнати од СЈО, како и на прашања кои се однесуваат на статусот на СЈО. Законот предложен од Министерството содржи одредба дека специјалниот обвинител се избира од Советот на обвинители, така што прашањето за тоа кој ќе го води СЈО е прашање кое не се третира во преговорите за законскиот текс, вели Дескоска.

Лограње

X

Регистрација