– ММС
Вести Македонија

Дискриминацијата не се пријавува поради недовербата во институциите

Граѓаните не се дoволно мотивирани да пријавуваат дискриминација. Потребни се дополнителни мерки во насока на нивно охрабрување за пријавување случаи на дискриминација и кршење на основните човекови права – покажува Извештајот за имплементацијата на Законот за спречување и заштита од дискриминација 2011-2018, што денеска беше промовиран во Скопје од Мрежата за заштита од дискриминација.

Дел од причините поради кои мал број на граѓани кои се изложени на дискриминација се решаваат да поднесат претставки до Комисијата за заштита од дискриминација се однесуваат на недостаток на доверба во државните институции, секундарната виктимизација и недостиг на информации за постапување на оваа Комисија.

Од невладиниот сектор нагласија дека целта на извештајот е да се соберат податоци за досегашното спроведување на Законот и анализирање за севкупното работење на Комисијата од нејзиното формирање до денес, вклучувајќи го постапувањето на членовите на Комисијата во два состави, и тоа од 2011 до 2016 година и од 2016 до 2019 година.

Документот покажува дека во првите години од формирањето на Комисијата бројот на претставки бележи тренд на зголемување се до 2014 година, а од 2015 година бројот на претставки да се намалил драстично. Во контекст на тоа, како што беше посочено, единствено поголемо зголемување се бележи во 2018 година, кога бројот на претставки од 59 во 2017 година, расте на 132 во 2018 година.

Најиндикативен случај што ја одбележа 2018 година, како што е наведено во извештајот, е случајот на дискриминација врз поранешниот премиер Никола Груевски од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска во предметот „Тенк”, кога Комисијата постапила брзо и пред законскиот рок..

Утврдувањето дискриминација во случајот на поранешниот премиер е само уште еден показател за непрофесионалноста и пристрасноста на Комисијата, чии членови очигледно ја злоупотребуваат својата функција за да утврдуваат дискриминација кон своите политички истомисленици дури и во случаи каде што очигледно нема дискриминација – стои во извештајот.

Во пресрет на изборот на нов состав на Комисијата за заштита од дискриминација и спроведување на новото законско решение со кое се надминаа дел од недостатоците, како што беше посочено на презентацијата, исклучително е важно да се мапираат досегашните недостатоци со цел ефикасна и ефективна зашита од дискриминација.

„Видна беше и поврзаноста на дел од членовите со одредена политичка партија, а постоеше и регистрирана историја на дискриминаторски говор и говор на омраза кај дел од комесарите од последниот состав“, истакна Марија Гелевска од Мрежата за заштита од дискриминација.

Според еден од авторите на извештајот, Игор Јадровски Комисијата за заштита од дискриминација различно постапувала во исти или слични случаи во зависност од политичката афилијација на потенцијалниот дискриминатор.

Како најчести области согласно извештајот за дискриминација, се јавуваат работата и работните односи, пристапот до добра и услуги и на крајот правосудството и управата, додека најчести основи за дискриминација се етничката припадност, личниот и општествен статус и политичката припадност.

Поранешниот птретседател на Комисијата за заштита од дискриминација Душко Миновски појасни дека Комисијата првенствно има задача да го испита случајот, потоа да се обрати до потенцијалниот дискриминатор, а доколку увиди дека има дискриминација констатира мислење и укажува како тоа да се отстрани но, како што дополни, тоа не е задолжително и обврзувачки. Во случај кога дискриминиаторот не постапи на укажувањето се отвора простор и со тужба преку суд да се оди во постапка.

Подготовката на извештајот е дел од активностите на проектот „ЗСЗД под лупа: следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација” во рамки на концептот „Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во Европската Унија” на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Лограње

X

Регистрација