– ММС
Спорт Фудбал

Агентот на Пандев нуди уште двајца македонски репрезентативци во Серија А

Интересот за македонските фудбалери се чини дека не бил никогаш поголем за преселба во поголеми клубови и посилни лиги.

Елиф Елмас е пред трансфер во Наполи, Несторовски е пред преселба во Удинезе, Трајковски ќе бира помеѓу Спортинг и Милан, Јаховиќ се пресели во Малатјаспор, Влатко Стојановски направи сензационален трансфер од Ренова во француски Ним, а македонската колонија во Италија би можела да се зголеми дополнително.

Менаџерот на Горан Пандев, Леонардо Корси, кој добро ги познава нашите фудбалери, во изјава за италијанските медиуми истакна дека Наполи завршил огромна работа што успеал да го договори Елмас кој е суперталентиран фудбалер, но според него, уште двајца други играчи од македонската репрезентација се подготвени за преселба во Серија А.

„Елмас е млад играч кој има огромен потенцијал и е еден од најинтересните таленти во Европа. Голем број клубови сакаа да го ангажираат, а Наполи направи голема работа што успеа да го договори и треба да им се честита. Но, Македонија има уште неколку интересни играчи кои се подготвени и зрели за Серија А. Тука пред се мислам на Бобан Николов и Енис Барди од Леванте. Барди веќе игра во силно првенство како Ла Лига и е мошне ценет. Јас навистина го препорачувам него, како и Николов“, изјави Корси.

Токму Бобан Николов летово беше поврзуван со трансфер во италијанска Бреша која од следната сезона ќе игра во Серија А, додека од друга страна Барди има цврст договор со Леванте и неговата цена на пазарот се проценува на 15 милиони евра, но клубот од Валенсија сигурно ќе бара далеку повеќе пари за неговата слобода.

Извор: sportclub.mk

 

Лограње

X

Регистрација