– ММС
Вести Македонија

Нема загадување од воената вежба на Криволак

Сите параметри за квалитетот на воздухот околу воениот полигон Криволак се во граници на нормалните вредности, информира денеска професорот Дејан Мираковски, раководител на лабораторијата при Универзитетот „Гоце Делчев“. Нивната лабораторија вршела перманентен мониторинг од почетокот на вежбата, се до 30 јуни,  на три локации на полигонот и резултатите покажале дека суспендираните тврди честички биле во рамки на дозволеното.

„Во рамки на соработката со МО и МЖСПП нашата лабораторија постави т.н периметарски мониторинг на три локации во зоната на Криволак. Се мереа во реално време концентрациите на суспендирани цврсти честички во 24 часа. Генерално по периметарот ниту еден од резултатите не ги надмина дозволените норми за 24 часовна вредност. Во просек се движеа од 20 до 30 микрограми на метар кубен. Истовремено на една од локациите во кампот на војниците беше поставен и гравиметарски семплер кој служеше да го провериме хемискиот состав на прашината. Беа анализирани сите неоргански елементи. Значи типична прашина соодветно на геолошкото на потекло на подлогата во зоната на Криволак. Ниту еден тежок метал не е надвор од дозволеното, а некаде и ги нема“, вели Мираковски.

Во врска со реакциите на граѓаните од Неготино, Кавадарци и Штип дека се загадува воздухот од воената вежба на Криволак, професорот нагласи дека нивните мерни станици кои се поставени за научни цели во неколку градови, меѓу кои во Кавадарци и Штип, покажале дека нема никакво надминување на прагот на тврди честички. Тој посочи дека облаците кои се издигаа на 1 јули најверојатно се поради не одговорниот однос на граѓаните, со палење на стрништа и депонии.

Министерката за одбрана, Рамила Шеќеринска најави дека при секоја наредна вежба на полигонот ќе се вршат мерења за тоа какво е влијанието на воените вежби врз животната средина и здравјето на луѓето.

 

Ангел Данов

Лограње

X

Регистрација