– ММС
Вести Македонија

Силно невреме пустошеше низ Македонија

Силно невреме вчера беснееше низ Македонија, како што најавија од УХМР. Пехчево го зафати силно невреме проследено со врнежи од град на одредени места. Според информации на жители на Пехчево, невремето траело околу половина час, но освен обилната вода во централното градско подрачје, невремето не предизвикало поголеми штети.

-Дождот одеднаш се спушти во градот и беше прилично силно невреме проследено со грмотевици. За среќа траеше кратко и не предизвика поголеми поплави во градот, јавуваат жители на Пехчево. Освен во пехчевскиот регион жители од неколку беровски села јавуваат за невреме со ситни врнежи од град кои предизвикале штета на компировиот насад. Штетите се забележани во атарот на село Владимирово каде појавата на град била најизразена.

За разлика од малешевските општини Пехчево и Берово, во регионот на Пијанец и општините Делчево и Македонска Каменица, неколку дена владее суво и доста сончево време. Поради дефект на водоводната мрежа на неколку места во делчевско вчера жителите биле без вода за пиење, додека иста е ситуацијата и во нелолку каменички села каде поради оштетеност на водоводната мрежа неколку села биле без вода за пиење во одреден дел од денот.

Подрачјето на Струмица исто така беше зафатено со град, грмежи и ветер. Најава за денеска: Времето претпладне ќе биде сончево и топло со умерена облачност, а попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град. Минималната температура ќе се движи од 11 до 19, а максималната од 27 до 34 степени Целзиусови. УВ индексот ќе изнесува седум. Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер со температура од 17 до 32 степена.

Во следните денови во попладневните часови ќе има честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град. Максималните температури до средината на наредната седмица ќе бидат во благо опаѓање.

Лограње

X

Регистрација