ММС

Во последниве две години направени се значајни подобрувања во јавното здравство – тврдат од ресорот на Филипче

Откако синдикалците од Клиничките цнетар упатија отворено писмо до министерот Венко Филипче во кое му порачаа да се однесува сериозно, Министерството за здравство се огласи со писмено соопштение во кое ги кани претставниците на Синдикатот на разговор за сите отворени прашања.

Од Министерството тврдат дека во последните две години направени се значајни подобрувања во јавното здравство.

Само во 2018 година се дадени 3,200 согласности за вработување. Во 2018 година за 5% се зголемија платите на 19.123 вработени, додека пак во јануари 2019, за 5% се зголемија платите на медицинските сестри и 10% на докторите специјалисти. Нашата заложба и обврска во 2020 година е платите на лекарите специјалисти да бидат 100 илјади денари. Зголемени се коефициентите за исплата на дежурства и ноќен труд. Приватните специјализанти, од минатата година за првпат се платени за својата работа, во висина со просечна плата на општ лекар – велат здравствените власти.

Почнавме со процес на отворање на можности за секој млад лекар да биде дел од јавното здравство. Во тек се јавни повици за работа во траење од 6 месеци со кои на младите лекари и медицински сестри им се дава шанса за стекнување на практично искуство, работа и знаење – информира Министерството.

Оттаму сметаат дека одливот на здравствениот кадар е проблем кој постои секаде во светот со децении, но тврдат дека Владата е подготвена да го подобри статусот на вработените во овој сектор со цел да ги задржи во државата.

На 14.05.2019 година, на 135. седница, Владата ја усвои предлог-одлуката за почнување постапка за доделување договор за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза”. Целта на постапката за доделување договор за јавно-приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза” Скопје е финансирање, дизајнирање, изградба на објектот, користење, управување и одржување на новиот објект сè со цел да се исполни целта на ЈПП и давање квалитетна услуга – додаваат од Министерството, од каде наведуваат дека ги разгледуваат сите опции за намалување на цената за паркинг на вработените.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за преземање.