– ММС
Вести Македонија

Чадот во Штип е од полигонот Криволак

Конечно е решена мистеријата што е тоа што го чади Штип веќе два дена. Градот веќе два дена е обвиткан во чад во попладневните часови, а  некои од граѓаните се пожалија дека поради тоа имаат отежаното дишење. Од АРМ соопштија дека чадот доаѓа од полигонот Криволак, кај Пепелиште, каде веќе неколку дена се изведува вежбата „Одлучен удар“.

-Од артилериското гаѓање на воената вежба во Криволак, вчера имаше седум помали пожари на трева и нискостеблеста шума, од кои четири се сосема изгаснати, додека три се локализирани. Од тие има еден кој е на површина од 500 метри, изјави Тони Јаневски, портпарол на АРМ, кој додаде дека во гаснењето интервенирале и армиските хеликоптери.

Според  Јаневски, уште пред почетокот  на вежбата АРМ ги ангажирала Институот за јавно здравје и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, кои ги работат мерењата на водата, воздухот и почвата.

Професорот Дејан Мираковски, кој ги раководи мерењата, потврди дека се работи за чад со концентрација на ПМ 10 честичките, кои ги има во прашината.  Мерењата покажале максимални вредности од 120 mg/m3.

Воената вежба ќе трае до деветти јули, меѓутоа, од АРМ најавуваат дека активностите со боевото гаѓање завршуваат до петок. До тогаш веројатно Штип ќе живее со чадот од Криволак.

Засега ниту една институција не излезе со информација за евентуалните последици по здравјето на граѓаните. Од АРМ уверуваат дека чадот не е штетен и дека е предизвикан од пожарите како последица на артилеријата.

Според Архуската конвенција потпишана и од Македонија, институциите се должни да ги информираат граѓаните за загадувањето и последиците по нивното здравје. Општините на своите интернет страници треба да ги објавуваат овие податоци. Меѓутоа деновиве ниту Општината Штип, ниту која било друга институција излезе со информација.

Лограње

X

Регистрација