– ММС
Вести Култура Македонија

Оскаровецот Блаш: Доаѓа времето на квалитетни македонски филмаџии

Даг Блаш е наградуван американски режисер, продуцент, автор и кинаматографер, кој ќе биде во жирито за документарни филмови за престижната награда Оскар, следната година. Очекувањата се дека токму македонскиот документарец „Медена земја“ ќе се најде на листата на кандидат за Оскар. Блаш, кој неодамна беше во Македонија како гостин на Американската амбасада, се’ уште го нема видено филмот, но вели дека слушал  многу добри критики.

–  Многу е возбудливо да се види „Медена земја“, бидејќи филмот го освои фестивалот „Санденс“, каде јас секоја година одам и секој зборуваше за „Медена земја“. За него зборуваа како за многу убав и моќен филм. Мислам дека е одличен пример за тоа како работите од Македонија можат да го обиколат светот  и филм како „Медена земја“ може да му ја рашири на светот сликата за тоа тоа што општеството тука прави и како тоа го прави и да ја крене свеста за Македонија, светот да се заинтересира за тоа што се случува со културата, за вашите теми. Едвај чекам да го видам филмот. Сите зборуваа за него на Санденс, вели Блаш.

Американскиот кинамотографер го сретнавме во Американското катче во Штип, веднаш по работилницата со млади филмски вљубеници и автори. Пред нив зборуваше за филмот како алатка за социјална промена. Блаш е особен вљубеник во документаристиката. Со нетрпение ги очекува премиерите на неговите два нови филма, врзани токму со оваа тематика. Главниот јунак во еден од филмовите е трансродова личност, која поминува низ процесот на промена на полот. За него нема дилема дека филмот е најмоќната алатка за социјални промени во едно општество.

-Правењето филмови во модерниот свет е еден од најмоќните начини кои водат до промени во смисла на промена на закон, промена на свеста кај луѓето за проблемите во светот и ние тука ги гледаме резултатите, смета Блаш.

Конкретно тој и неговата екипа посебно работат на тоа преку влијанието кај луѓето, промената на нивната свест, а тие сами потоа да побараат промена на закон, да придонесат луѓето сами да посакаат да ги променат законите.

-Кога луѓето ги гледаат филмовите кои стануваат популарни, тие се придружуваат на каузата, стануваат дел од социјалното движење за промена за нешто што треба да биде променето. Знаеме дека тоа успева, бидејќи до сега тоа сме го постигнале. Она што треба да го направиме да допреме до што повеќе луѓе кои ќе го гледаат тој филм, што сега го постигнуваме. Се’ повеќе луѓе гледаат филмови поради Нетфликс и останатите канали, вели Блаш.

Неговите филмови понекогаш се за правото и правдата, за политиката, но понекогаш за едноставни човечки вредности, за како што вели, добри луѓе што прават добри дела или се обидуваат да ни покажат како се прави за да станат подобри. Некогаш се тоа едноставно забавни филмови за луѓе кои ни помагаат подобро да се сфатиме како луѓе.

-Верувам дека можеме да направиме социјална промена без насилни востанија и револуции. Мислам дека е можно само низ филмот да им покажеме на луѓето да ги почувствуваат причините за промена, а не да ги принудуваме да се променат.  Ако им стигне до умот и нивното срце, не мора да се бориме да ги промениме. Тоа го постигнуваме само доколку подобро се разбереме еден со друг, е размислувањето на Даг Блаш.

Документарците многу често следат новинарска приказна, која низ истражување пронашла нешто важно и ја возбудила јавноста. Често две-три новинарски приказни се основа од која тргнува еден документарец, или обратно кога добар документарец води кон добра новинарска приказна која следи потоа.  И новинарството и документарците ја имаат вистината во основа.

-Покрај големата улога што ја играат медиумите, она што ги донесува промените е изнесувањето на вистината на површина, нејзиното покажување на начин што може да се види и во печатот и во кино салите, што е многу добар начин да се постигнат промените, кажа Блаш.

Од тие неколку дена средби со млади македонски автори и вљубеници во филмот, американскиот кинамотографер вели дека неспорно е дека иднината им припаѓа на квалитетни македонски автори и филмаџии, чие време допрва доаѓа.

 

За Даг Блаш: наградуван режисер, продуцент, уредник, кинематографер и ко-сопственик на филмовите МадПикс со седиште во Лос Анџелес. Неговите авторски дела вклучуваат, како уредник – наградата Оскар и ACE Eddie Award за филмот „20 Feet from Stardom“(2013) и како продуцент и уредник, добитник на Оскар за филмот  „Икар“ (2017).

Лограње

X

Регистрација