– ММС
Вести Македонија

Малиот Борјан за кој граѓаните донираа се врати од лекувањето во Истанбул: Потребен е нов третман во јули

Хуманите граѓани кои донираа за да му бидат аплицирани матични клетки на малиот Борјан Гигов од Скопје кој има комбинирани пречки во развојот, придонесоа ова шестгодишно момче веќе да го помине првиот третман, со кој се очекува неговата здравствена состојба значително да се подобри.

Иако собраните средства не биле доволни за да се реализира планот за Борјан да замине на лекување во Германија, неговите родители добиле соодветна понуда од Liv Hospital во Истанбул, каде на момчето му се аплицирани матични клетки. Шестгодишното момче и неговите родители денеска се вратија во својот дом. Летниот период треба да го означи и почетокот на подобрувањето на неговата здравствена состојба, за да може во септември и да седне во училишните клупи.

Мајката на Борјан, Ане сепак вели дека докторите им кажале оти ќе треба да се стави уште една доза матични клетки. Засега, вториот третман е закажан за 25 јули, со што хуманите граѓаните повторно се на потег.

„Денеска се вративме од Истанбул, каде што лекувањето помина супер, според сите протоколи на Болницата. Секаде каде што прашувавме беше поскапо, а финансиите не ни дозволија да одиме на друго место, согласно донациите што ги имавме собрано. За да се реализира вториот третман, потребна е иста сума како сегашната. Девет  илјади евра е третманот, ние си плаќаме сместување во хотел додека трае лечење, го плаќаме и превозот. Лековите што ги нудат по аплицирањето ги плативме околу двесте евра. Ги плативме и картите и тоа чинеше околу 11 евра“, вели во изјава за Канал 77 мајката на шестгодишното момче.

„Докторите велат дека со аплицирањето на матичните клети ќе се подобри се’  – комуникација, говор и однесување. Нема да биде агресивен и нервозен. Социјализацијата ќе биде подобро насочена, ќе знае да разговара со луѓето во своето опкружување“.

Мајката вели дека од државата не добиле ниту денар и јавно им се заблагодарува на сите хумани граѓани:

„Немаме ниту денар од државата. Секаде поднесовме барање за да се помогне. Немаме никакви одговори, а во Фондот за здравство ни кажаа дека ако Детска клиника даде конзилијарно мислење ќе покријат, но тука  не се дава  мислење за ваков случај бидејќи матичните клетки не се фондовски покриени“.

Иако Борјан ќе биде првооделенец од новата учебна година, тој требало да тргне на училиште уште лани, но семејството решило тоа да го пролонгира. Сакајќи да се вклучи во редовната настава, тие сега аплциирале и за да му биде обезбеден асистент.

Според родителите на Борјан, свеста кај граѓаните за инклузијата на деца со пречки во развојот, се зголемува.

„Повеќето луѓе се запознаваат веќе со овој проблем, се зголемува свеста, се прифаќаат децата со аутизам. Немав одбивност во градинката каде што оди Борјан. Имав од таму помош колку што можеа, ама сепак граѓаните почнуваат веќе да ја разбираат проблематиката. Инклузијата во училиштата е таква каква што е, но родителите се ставаат на наше место. Последната завршна приредба во градинката беше идеална, беше прекрасна. Не можам да речам дека нема помош“, додава Ане.

Таа и нејзиниот сопруг претходните пет години ги поминале во изнаоѓање начини за тоа како да му помогнат на својот син. Велат, финансиската состојба не им дозволува третманите да ги платат сами.

„Ние сме работници и тоа не може да си го дозволиме. Благодарни сме на луѓе кои не ги ни познаваме, луѓето тоа го споделуваа и благодарна сум за сите“, додава мајката. Сега хуманите граѓани повторно се на потег, за да може шестгодишното момче подобро да се социјализира, а семејството Гигови да се радуваат на уште многу приредби во кои тој би играл со своите врсници.

Броевите за донации се:

143 177 – за корисниците на Телеком

143 471 – за корисниците на ВИП

Лограње

X

Регистрација